За прв пат македонски филм во главната програма на Берлинскиот фестивал

За прв пат во историјата, македонски филм ќе учествува во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал. Големиот успех на македонската кинематографија е овозможен со филмот “Господ постои, името и е Петрунија” на Теона Стругар Митевска, кој ќе конкурира за награда на еден од трите најголеми филмски фестивали во светот – популарното Берлинале.
Според продуцентите, учеството на филмови од нашиот регион во главната конкуренција на еден од трите најпрестижни фестивали е навистина ретко, а Македонија на вакох успех во филмската уметност чекаше повеќе од 20 години.
Филмот е снимен целосно во Штип, а е во копродукција на пет земји со вкупен буџет од милион и 400 илјади евра, од кои 485 илјади се од Македонската агенција за филм.
Својата светска премиера ќе ја има на фестивалот во Берлин на 10-ти февруари, по што ќе следува негово прикажување и во Македонија.