За уставните промени, по прочистениот парламент се „стокми“ и теренот пред него

Дваесетина дена пред да се гласа за уставните промени со кои нашата држава ќе треба да се преименува во Република Северна Македонија врз основа на договорот Заев-Ципрас, полицијата принудно го дислоцира кампот во кој граѓани се спротивставуваа на овој чин. Полицијата и екипите на „Паркови и зеленило“ дошле ненајавено и без претходно предупредување до граѓаните кои протестираа во паркот „Жена – борец“ спроти парламентот почнале да го дислоцираат.
За кусо време се беше готово и од кампот кој постоеше околу година и пол дена не остана речиси ништо.
– Дојдоа со булдожерите и ни го урнаа кампот, а „Паркови и зеленило“ ни ги собраа сите работи. Ни земаа наши документи, други предмети кои сме ги користеле. Бараме да ни ги вратат. Ова беше Македонска слободна територија од која ја ширевме вистината за Македонија и ја водевме борбата за правата на Македонците во сопствената држава, изјави Ана Бобинкова, која е дел од кампот „Македонија блокира“
Со ова, практично, се тргна еден од центрите на отпорот против уставните промени кој делуваше долго време пред очите на скопјани. По обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за изгласување на почетокот на уставните промени кое беше проследено со сомнителни договори со пратениците од редовите на опозицијата, на ред сега, очигледно дојде и отстранување на секаков отпор надвор од парламентот. Излегува дека на 15 јануари кога ќе се гласа за конечното усвојување на промените во Уставот не треба да се гледа никаков отпор и проблеми – ниту внатре во парламентот, ниту надвор од него.
– Очигледно целта беше да се скрши секаков отпор против уставните промени и усвојувањето на договорот со Грција. Им пречеше тоа што граѓани се решија да го искажат демократското право да се противат на договори кои ја уништуваат Македонија. Уривањето на кампот се изведе на крајно нецивилизиран и вандалски начин, реагира граѓанинот Ристо Мијаковски.
Инаку, иницијаторите на кампот на почетокот си ги обезбедиле сите потребни документи за негово поставување од страна на надлежните државни органи. Во поднесените барања било наведено дека тоа ќе биде кампус во кој граѓаните на креативен начин ќе ги искажат своето противење на штетниот договор. Односно, дека тоа ќе прават преку јавни говори, дебати и слично.

И без камп ќе протестираме
– Независно од тоа што шаторите ни ги тргнаа, ние ќе си протестираме. Голема е неправдата што и се нанесува на Македонија и затоа ќе продолжиме да манифестираме незадоволство, ни реше еден од луќето кои со денови бил присутен на протестите.