Забранетите петарди прават триесетина инвалиди за новогодишните празници

Н: Забранетите петарди прават триесетина инвалиди за новогодишните празници

„Колку се петардите?“, го прашуваме продавачот на импровизираната тезга на почетокот на скопски Бит-пазар. Неговата тезга, во редот на другите на кои исто така се продаваат петардите, е најснадбена, има се – од „пиратки“ па до ракети со кои се прави вистински огномет.
– Овие што пукаат еднаш се сто денари, тие што пукаат трипати се 130 денари. Колку кутии сакаш?, не запраша тој.
Ја одбивме понудата, а можевме да се увериме дека цените се насекаде исти, од 100 па се до најскапите ракети до 3.000 денари. Купувачи имаше, а тие најчесто земаа токму петарди. Излегува дека една петарда чини еден денар. Толку е ефтина, а може скапо да ве чини по здравјето. Полиција немаше никаде па така сите овие забранети експозивни средства се продаваа слободно, на отворено, на тезги, пред очите на бројните граѓани. Веќе од дамна се знае дека казна за купувањето и активирањето на петарди е од 200 до 500 евра, а доколку се продаваат на пазарот и до три години затвор. А деновиве низ градот забележавме како слободно и неконтролирано се продаваат и на другите места – крстосници, шеталишта… така речи пред очите на полицијата која досега не презема некоја посериозна акција.
– Ги земам оти сум научен на нив, знам како се активираат и многу се бучни. Така треба да биде за Нова Година, нели, ни рече еден скопјанец кој сакаше да биде анонимен оти купува забранети работи.
Вели дека не му е страв дека може да се повреди бидејќи мисли дека петардите се сигурни оти „се произведени во фабрика“.
За жал, црната статистика го демантира овој скопјанец. Само во декември лани триесетина граѓани завршиле на скопската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија бидејќи во раце им експлодирале петарди. Во 90 отсто од случаите мораше да се извршат ампутации на оштетените делови од рацете, а имаше и повеќе изгореници кои се опасни и може да завршат фатално доколку не се лечат навреме. Ваков поразителен биланс е уште еден доказ дека граѓаните, посебно најмладите, се уште не се свесни колку се опасни ваквите експлозивни средства.
– Гледано низ призма на бројот на повредени лица во изминативе години, можам да кажам дека петардите и сите останати пиротехнички средства се главна причина за инвалидитет кај адолесцентите во овој новогодишен и празничен период. Се здобиваат тешки повреди на прстите, на шаката, со опекотини… Хендикепираноста од овие повреди може да биде доживотна, вели д-р Софија Пејкова, директорка на оваа здравстевна институција.
Малку се знае дека опасност предизвикуваат и хемиските состојки од кои е направен експлозивот во петардите. Во него се наоаѓа и отровен селен кој по експлозијата се шири во воздухот и неговото вдишување е штетно по организмот. Експлозијата може да предизвика и трајно оштетување на слухот.
– Петрадите се многу опасна играчка која може да нанесе фатални последици и треба максимално да се избегнува нивно користење. Кога станува збор за помалите деца тука родителите треба да превземат сериозен чекор, но кога станува збор за малку повозрасните млади луге тука треба да преовладува нивниот разум. И да знаат дека ама баш ништо полезно нема да им донесе нивното користење, ни рече Дејан Георгиевски, матурант од Скопје.

Експлозивни стаклени шишиња
Искуствата покажуваат дека младите стануваат се побезобѕирни кога е во прашање предизвикувањето на експлозии со петарди. Така на пример, лани имало повредени по експлозија на големо стаклено шише кое цело било исполнето со петарди. Во друг случај, едно девојче во оган фрлило шише со дезодоранс кое експлодирало…