„Вибрантен сликопис“ – изложба на Владимир Величковски во МКЦ

Насловена „Вибрантен сликопис“, изложбата на Владимир Величковски ќе се отвори на 18 јануари во Галеријата МКЦ. Со почеток во 20 часот, изложбата ќе биде отворена за посетителите до 1 февруари. Ликовната изложба се надоврзува на јубилејот од 50 години постоење на Младинскиот културен центар кој се одбележа на крајот на 2022 година.

-Точно пред педесет години, во истиот овој простор, во тогашниот Дом на младите „25 Мај“ ја приредив мојата прва самостојна изложба на слики. Предложено е мојата изложбата да се отвори на 18 јануари, во очи на светскиот ден на уметноста која ми го исполнува животот. Имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар, Скопје да ја приредам оваа пригодна изложба, вели уметникот Величковски.

Тој нагласува дека уметноста, и во поширока смисла е смислата на неговиот живот, а сликарството на кое сакал поцелосно да му се посвети секогаш го чувствува со целото битие.

Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност.

Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976 -1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.

Неговата главна критична мисла е дека во Македонија е редуцирана и потценета ликовната критика како активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура .

Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимен наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој претставува најдоследниот и најтемелниот хроничар на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции и слично. Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности особено за современата уметност, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, а е и автор на повеќе тематски и групни изложби.