Власта има намера да го реформира образованието или да го расформира?

 

Сите реформи се палијативни, лошо концепирани и изведени, а единствено имаат позитивен финансиски ефект за оние што ги спроведуваат, смета Васко Гичевски

Бидејќи власта носи тн. реформи без претходно да го чуе мислењето на народот и стручните лица ми дава сомнеж дека намерно се оди кон уништување на образованието, укажува Христина Исеска – Велјаноска

Во каква состојба е образовниот систем во Македонија? На ова прашање одговорот е тежок, а всушност може да биде кажан со два збора – нема систем. Во нашето образование последниве години се е импровизација која ја гледаат и чуствуваат дури и децата до 5-то оделение.

Сепак власта слаткоречиво повторува: продолжуваме со реформата заради подобро школство. А какви се тие реформи, на реформите кои цело време ги прават? Еве сега е објавен наставен план за нов предмет Природни науки во кој шесттооделенците ќе учат Физика, Хемија, Биологија и дел од Географија во еден предмет! Тоа е оставштина од поранешната министерка за образование Мила Царовска…

Да ги споменуваме ли учебниците кои ги немаше цела година? Реформата која почна пред три години носи се поголеми и поголеми проблеми, па се поставува прашањето дали надлежните го реформираат или, всушност, го расформираат македонското образование?

-Властите со децении го расформираат образованието бидејќи сите реформи се палијативни, лошо концепирани и изведени, а единствено имаат позитивен финансиски ефект за оние што ги спроведуваат. Има големи пропусти во педагошкиот дел на реформите, односно, во дидактичкиот пристап, смета Васко Гичевски.

Хаос со учебниците, партиско-родителски влијанија…

Како и пред две години кога беше објавена, така и сега реформата предизвикува отпори. Здружението на историчарите деновиве побара да се стави мораториум.

-Категорично бараме мораториум и организирање на широка дебата, заснована на сеопфатна анализа која ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, се вели во реакцијата на историчарите.

Реагираа и од Македонското географско друштво кое најави дека со институтите ќе преземаат активности за реакција и запирање на Концепцијата за основно образование. Целта е зачувување на статусот на наставните предмети – географија, биологија, физика и хемија…

Ќе ги послуша ли Владата овие реакции? Сакаат ли министрите образован систем кој ќе создава добро едуцирани младинци кои ќе можат успешно да ја водат Македонија и нејзиното стопанство, здравство…

Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. На подрачјето на Западен Балкан нашите ученици се најслаби во читање, Математика и Природни науки. Пресметано е дека „по 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години на учење“. Тоа е многу загрижувачко, ама загрижени ли се во ресорното министерство?

-Со новите учебници се прави хаос. Не треба да има спојување на предмети во еден. Кој ќе биде наставник за овие споени предмети и како ќе се оценува, прашува Христина Исеска – Велјаноска.

Партиските влијанија во училиштата и натаму се големи. Неодамна, талентираните ученици од Математичко-информатичка гимназија ја бојкотираа наставата незадоволни од начинот на изборот на предавачите. Често директори по училиштата се поставуваат според политичка подобност, не според знаење.

Министерот за образование Јетон Шаќири изјавува дека немаат доволно пари за учебници, а се трошат и преку 600.000 евра за скрипти пред почетокот на тековната учебна година. Кабинетите и натаму се недоволно опремени, тешко оди поврзувањето на школите и на стопанството, се бомбастично се формира владино тело Совет за образование на чело со премиерот и полно со министри, но… Истовремено, Македонија е земја во која се помалку се издвојува за образование: пред 5 години беше 3,7 од БДП, а сега е 3,2 отсто, при што 87 отсто од расходите за основно образование се за плати…

-Секоја реформа е промашување, затоа што партиски полтрони со купени дипломи се занимаваат со ова прашање. Со реформи треба да се бават академци кои имаат и вистинска диплома и вистинско познавање во оваа област, смета Чедомир Јовановски.

Тој смета дека и критериумот на оценување е сведен на минимум.

-Дозволено е родителите да се плеткаат во образовниот процес и да се плеткаат во оценувањето. Воспитувачите, учителите и професорите немаат веќе авторитет. Платите во образованието се сведени на минимум што е срамно, потенцира овој граѓанин.

Пак ли учениците ќе ја платат скапата цена?

Сега е прашањето што да се прави натаму? Власта е очигледно решена да продолжи да ја применува Концепцијата за основно образование до 2025 година, како што си ја замислила. Тоа значи дека жртвите пак можат да бидат и учениците и наставниците.

– Можеби треба повеќе вежби, пракса за предмети како хемија, физика, биологија, информатика. Треба да има задолжителни и изборни предмети. Но, бидејќи власта носи тн. реформи без претходно да го чуе мислењето на народот и стручните лица ми дава сомнеж дека намерно се оди кон уништување на образованието, укажува Христина Исеска – Велјаноска.

– Образованието е на најниски гранки откако дотичните власти почнаа на голема врата да ги прифаќаат реформските промени од т. н. “невладини организации”. Ако не се вратат малку ретро од старите програми со малку модерен облик, ќе бидеме за жал држава со неписмена нација, предупредува Мирјана Јаковлеска.

 

НАМЕРНО УНИШТУВАЊЕ НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Чедомир Јовановски отворено се сомнева ваквите состојби намерно се прават.

-Намерно се уништива образовниот процес. Многу полесно се контролира неписмена маса луѓе отколку луѓе кои поминале низ добро образование. Луѓе со основно образование од пред 20 години па наназад имаат повеќе знаење од денешните средношколци. Придобивката од лошото образование е само лесната манипулација со тие што го имаат поминато таквото лошо образование и ништо друго, потенцира тој.

ДА НЕ СЕ КОПИРААТ УЧЕБНИЦИ ОД ДРУГИ ДРЖАВИ

И Спасоје Блажевски бара внимателност при промените.

-Треба да се врати во употреба дел од старите учебници и да се изнајдат соодветни учебници за новото време прилагодени на нашите ученици, а не да копираме учебници од други држави. Реформатори треба да бидат практичарите т.е наставниците, а не луѓе кои прво вработување им е министер, вели овој граѓанин.

Претходна вестСе празнува Ѓурѓовден, празникот на обновувањето на природата и на животот
Следна вестПретседателот Пендаровски ќе присуствува на крунисување на британскиот крал Чарлс Трети