Само 16 од вкупно 190 слободни места на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет се пополнети на последните уписи. Тоа значи дека процентот на запишани е поразителен, дотолку повеќе што во оваа бројка влегуваат и редовните и вонредните студенти.
Македонистите се реални во врска со бројката. Сметаат дека малку се вложува за унапредување на студиите и не постои национална стратегија за развој.
–Инсистиравме да има стипендии, за македонски јазик, како дел од нашиот идентитет, но не се остварува, коментира Искра Пановска Димкова, раководител на Катедра по македонски јазик.
Опозицијата пак смета дека младите се демотивираат поради лошите образовни политики, партизација при вработувањето и ниските примања доколку би успеале да се вработат.
Најтешко останува прашањето: кој во иднина ќе го предава, чува и пренесува македонскиот јазик ако од следната година не се запишуваат веќе студенти?