„1963: Добра ноќ, Скопје“, филмот за разорниот земјотрес од 1963 достапен на „Јутјуб“

Филмот „1963: Добра ноќ, Скопје“ на Илија Павлов отсега може да се гледа на „Јутјуб“. Направен е со скенирање на 8 мм, 16 мм и на 35 мм филмски ленти, а некои од материјалите се досега невидени. Филмот трае 26 минути како симболика за кобниот 26 јули.

Сведоштвото за скопскиот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, кој траел долги 17 секунди, регистриран на 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, го соопштил пилотот на холандски авион, кој токму во тоа време летал над македонската престолнина, која се уривала. Шокиран од глетката, пилотот од вoздухот гледал како Скопје полека исчезнува. Кога дошол при себе од првиот шок, тој на светот му ја соопштил трагичната вест: Скопје е урнато!

Повеќе од 1.000 луѓе загинаа, повеќе од 3.000 беа повредени. Исчезнаа симболите на Скопје, Стариот театар, Домот на армијата, зградата на Народната банка, хотелот „Македонија“ беше срамнет со земја, урнат беше и поголемиот дел од железничката станица подигната во 1938 година, која во тоа време се сметаше за најмодерна на Балканот.

„1963: Добра ноќ, Скопје“ (1963: Good night Skopje) е петти среднометражен филм на Илија Павлов. Тој е комплетен автор на сите свои филмови (продуцент, сценарист, режисер, директор на фотографија и монтажер) вклучувајќи го и долгометражниот игран филм „Гласот на тишината“. Во моментот го подготвува својот втор долгометражен игран филм „Емил, врати се“.

Претходна вестКоцарев: Образованието е јавно добро што треба да се смести во пошироки општествени и културни рамки
Следна вестАхмети: Мицкоски гледал војна само на телевизија