2.386 фирми во скопско повеќе или помалку придонесуваат за загадувањето

Ни враќаат пријави против загадувачи поради „нејаснотии во записниците“

Со Ана Петровска, дирeкторка на Државниот инспекторат за живoтна средина зборуваме за состојбите во скопскиот регион и проблемите кои ги имаат во секојдневната работа.

Како ја оценувате состојбата во животната средина во скопскиот регион од аспект на потребата на граѓаните да имаат здрава животна околина?

Во Скопскиот регион се концентрирани голем број инсталации што можат да дадат придонес кон загадувањето на воздухот и  водите. Во моментот функционираат 40 инсталации за кои се идадени А и 47 инсталации за кои се издадени Б интегрирани дозволи. Инсталации што имаат добиено Решение за одобрен елаборат за животна средина од страна на Министерството за животна средина се 421, односно од страна на градоначалникот на градот Скопје се 613. Инсталации, помали погони, угостителски објекти и слично, за кои Решение за одобрен Елаборат за заштита на животната средина одобрил Градоначалникот на општината, во Кисела Вода се 244, општина Аеродром 124, Ѓорче Петров 24, Центар 193, Гази Баба 187, Карпош 255, Центар 193, Бутел 39 и Сарај  6. На територијата на Скопскиот регион во моментот функционираат вкупно  2.386 правни лица кои, повеќе или помалку, придонесуваат за загадувањето. За да може сите овие инсталации да се инспектираат сооодветно, неопходно е да се прават заеднички планови на Државните и овластените инспектори за животна средина. Државниот инспекторат за животна средина врши надзор претежно над инсталациите што имаат А интегрирана дозвола, но се прават и координации со овластените инспектори.

Состојбата во животната средина не е добра и за истата да се подобри, неопходно е да има повеќе обучени инспектори, да се работи на подигање на свеста на граѓаните што исто така придонесуваат кон загадувањето и да се издвојуваат повеќе финансиски средства за заштита на животната средина.

Граѓаните ја потенцираат улогата и одговорноста на инспекцијата во однос на зачувувањето на здравата животна средина. Дали Инспекторатот успева да одговори на предизвикот?

Инспекторите навистина имаат огромна одговорност за откривање и сузбивање на загадувањето. Неопходно е да се направат регистри на инсталации и издадени дозволи за секоја општина,  да се познаваат технолошките процеси, се со цел соодветно да се планираат и реализираат надзорите. Неопходно е ненајавено да се проверуваат емисиите со акредитирани лаборатории во текот на самиот инспекциски надзор. Проверките на извештаите од лабораториите што ги ангажираат правните лица да мерат емисии според условите зададени со дозволите се важни, но уште поважно е да се прават ненајавени мерења. Државниот инспекторат за животна средина годинава соработува со акредитирана лабораторија што овозможува навремено откривање на загадувањето и изрекување сооодветни инспекциски мерки. По потреба, соработуваме и со стручни и научни институции, кога во постапките е потребно да се обезбеди специфична експертиза, мислење или доказ. Исто така, се координираме со други инспекциски служби, на наша иницијатива или по налог на Инспекцискиот совет. Функционира алатка за пријавување загадување и постапуваме по пријавите во рамките на нашите надлежности, транспарентно известуваме за поважни инспекциски постапки и за резултатите. Сето ова е во насока да одговориме на потребите на граѓаните. Секако, ова не е доволно и вложуваме напори да ги подобриме надзорите и да биеме поуспешни и поефикасни.

Што е потребно да се подобри за да ДИЖС има што подобри резултати во работата?

 Со ресурсите што ги имаме, правиме напори да одговориме на предизвиците. Ќе бараме од донаторите да спроведеме стручни обуки, да набавиме опрема за индикативно мерење на квалитетот на воздухот, да ја ставиме во функција опремата што веќе ја имаме за мерење на квалитет на водите, да стандардизираме постапки за земање мостри... Имаме многу работа што делумно може да ја завршиме сами, но за одредени активности потребна ни е поддршка.

Кои се најголеми пречки во работата на ДИЖС?

Немаме доволно инспектори и треба да се подобруваме во однос на воведување на стандардни оперативни процедури при спроведувањето на инспекциските постапки. Имаме проблеми и со реализирање на прекршочни санкции, бидејќи во институциите каде треба да се изречат соодветни мерки многу често се случува истите да не бидат изречени заради утврдени формални неправилности, наместо да се води сметка да се санкционира загадувач, се случува предметот да биде вратен заради “нејаснотии во записници…” и други формални прашања. На тој начин, задоволувајќи ја формата, се амнестираат од одговорност оние што го прекршиле законот, случајно или намерно.

Претходна вестПротест за слобода на осудените за упадот во Собранието: Ги осудија врз лажни сведоштва
Следна вестОд утре почнува етапната исплата на пензиите