Кривична пријава против дваесет вработени во основното училиште „Кузман Шапкарев“ во Драчево поднела полицијата заради издавање на лажни свидителства на четири ученици кои се отселени од Македонија. Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривична пријава против В.Н. (56), вработена во ова училиште, која, злоупотребувајќи ја својата службена положба, овозможила изготвување свидетелства за четири ученици. Таа, според МВР, поттикнала наставници и одделенски раководители да не ги запишуваат учениците како отустни од настава, а на одржаните наставнички совети да изгласаат нивно оценување врз основа на што била изготвена целокупна педагошка евиденција со невистинита содржина.
Кривични пријави се поднесени и против наставниците, вкупно 20, кои во својство на службени лица, под влијание на В.Н. ги извршиле незаконските дејства. Станува збор за П.И. (46), Н.Д.Б. (63), С.Л. (57), М.М. (54), П.Б. (39), З.А.Ѓ. (45), В.А. (41), С.А. (41), Г.С.А. (45), С.Ц. (57), Д.Ц. (39), М.Д. (45), Г.Ј. (53), Б.К. (39), М.В. (51), Б.Н. (37), Т.Г. (39), Р.С. (61), С.С.М. (41) и Л.С.П. (58) сите од Скопје, вработени во ОУ „Кузман Шапкарев”. Сите се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа”.
-Пријавените наставници, во текот на учебната 2018/2019 година, во својство на службени лица, под влијание на првопријавената, иако знаеле дека четворицата ученици се одселиле од Македонија, односно не доаѓале на настава во соодветните паралелки, не ги запишувале (евидентирале) учениците како отустни од настава во евиденцијата на паралелките и извршиле фиктивно оценување на учениците за периодот додека биле отсутни, со што ги пречекориле своите службени овластувања и овозможиле изготвување на Свидетелства за завршена учебна година, наведува МВР.