Министерството за здравство обезбеди 300 паркинг места за вработените во Клиничкиот центар, лоцирани во комплексот Лимак.
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес на прес-конференција изјави дека на овој начин се решава еден од најитните проблеми и секојдневниот метеж со паркирањето во овој најголем здравствен комплекс во државата.
Во услови кога над 6,000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот Мајка Тереза во Скопје, а повеќе од 2,500 се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизации.
Министерството за здравство склучи Меморандум за соработка со компанијата Лимак, со што се обезбедува паркинг простор за 300 возила наменет за здравствените работници во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје, кои ќе имаат 24-часовен пристап, објави денес на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.
Од 1 јули, овој паркинг простор ќе биде функционален и достапен 24 часа, а се наоѓа на приближно пет минути пешачење од секоја клиника. Во Лимак ќе бидат поставени табли и јасно ќе биде означено кои нивоа се резервирани за Министерството за здравство.
-Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот го ослободуваме најблискиот простор за пациентите. Граѓаните нема да мораат да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви за наоѓање паркинг, рече министерот, додавајќи дека вработените ќе бидат детално информирани за можноста за паркирање.
Алиу исто така истакна дека се започнува со систематско решавање на проблемот, преку мапирање на целиот простор и утврдување на периодите кога има најголема потреба за паркинг. Во моментов, според министерот, има мапирано 700 места за паркирање, додека дневно има 2,500 возила.
Тој информираше дека е во тек поставување на информативни дигитални табли на влезовите во Клиничкиот центар, како и на клучните точки во комплексот, со цел граѓаните полесно да ги пронајдат клиниките и здравствените институции каде што треба да одат. Алиу најави и апликација која ќе ги насочува корисниците кон потребната точка, а ќе се разгледува можноста истата да биде бесплатна.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со ѕидот што се урна кај Детската клиника, Алиу рече дека постапката е веќе започната, како и дека ќе има повлекување од еден и пол метри за да може патот над Клиниката да биде проширен.
Во однос на проблемот со клиничката перална, тој изјави дека во моментов се анализира состојбата и дека за брзо време ќе се најде решение.
-Знаете дека институцијата е подолг период во финансиска криза, но исто така мора да најдеме начин и процеси за да се исплатат бараните сервиси кои таа институција ги нуди. Малку е покомплексен проблемот. Заедно со Владата, директорот на институцијата и со мене како министер за здравство ценам дека брзо ќе најеме решение како институцијата да се ослободи од таков тип на финансиски притисоци, рече Алиу, додавајќи дека наредната недела ќе има состанок и со претставниците на компанијата која стопанисува со Клиничката перална.
Министерот за здравство на прес-конференцијата соопшти дека мора да се направи нова методологија и анализа за потребите на здравството и на пациентите врз основа на понови податоци поврзани со демографијата, нови болести, потреби на пациентите, на здравствените установи за вработени.
Исто така, тој смета дека има потреба од поголема транспарентност, односно добивање информации во реално време преку веб страната на Министерството.