32 отсто од избирачите гласале до 15 часот

До 15 часот на гласање излегле околу 32 отсто од граѓаните на Република Македонија, сe последните информации објавени од Државната изборна комисија.

Поточно, одзивот на гласањето до 15 часот е 31,8 отсто, соопшти попладнево претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. Во седум општини се гласа на стариот начин со УВ ламба и спреј поради неможност да се заменат биометриските уреди. Како што рече, до 15 часот гласале 403715 избирачи, или во проценти 31,80 што според него е солиден процент.

Најголем одзив повторно се бележи во Новаци каде што гласале 59, 16 отсто од граѓаните со право глас, а следуваат Демир Хисар со 54,87 отсто, Лозово со 54,04 отсто, Вевчани со 51,25 отсто, Карбинци со 49,43 отсто, Крива Паланка со 49,15 отсто, Крушево со 48,48 отсто, Македонски Брод со 47,58 отсто, Кратово со 47,18 отсто и Дојран со 46,78. Од општините со мал одѕив Даштевски ги издвои Гостивар со 23,7 отсто, Дебар со 23,15 отсто, Врапчиште со 21,28 отсто, Суденичани со 20,97 отсто, Липкво со 19,99 отсто, Шуто Оризари со 19, 15 отсто, Центар Жупа со 19,1.

Одзивот секаде е околу 20 отсото, а најголемиот одзив е 59 и 54 отсто, рече претседателот Даштевски. Притоа тој посочи дека проблемот со метежот тешко се надминува и уште еднаш ги повтри причините поради кои се создаваат редици пред гласачките места.

-Избирачкиот список има многу повеќе страни отколку што имал претходно затоа што имаме рекорден број на листи. И поради тоа проверката трае подолго време. Од друга страна , преку една четвртина од отпечатоците што ги добивме од МВР се со лош квалитет, утврдувањето оди поспоро или се оставаат настрана. Потоа, имаме ковид – мерки и затоа не се пуштаа многу луѓе во просториите. Сега имаат насока да пуштаат онолку колку што има паравани, рече претседателот Даштевски.

Државната изборна комисија едногласно одлучила гласањето да се продолжи за онолку луѓе колку што ќе се најдат не само на самото место туку и во дворот на избрачките места. Тие луѓе затоа дошле, не дошле да се шетаат, вели Даштевски. Во однос на претходниот пресек од 13 часот, речиси двојно е зголемен бројот на приговори. До 15 часот во ДИК стигнале 134 приговори. 63 се прифатени, а се 10 одбиени, појасни првиот човек на ДИК.

Инаку, во 13:00 часот излезноста изнесуваше нешто над 20 проценти, на ниво на целата држава, а до 11 часот – над 10 проценти.