Жално е што телевизиите се полни со политика, уште повеќе што луѓето ги гледаат

Актерот од помладата генерација Дарко Ристовски е крајно незадоволен од она што како понуда се дава на македонските телевизии. Заради тоа ретко губи време пред овој медиум.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
– Жално е што телевизиите се полни со политика. Уште повеќе, што луѓето ги гледаат. Тоа ни кажува до каде сме и какви сме, а и колку сме спремни како општество да мрднеме од една точка. Се додека сме први за политика, а слепи за култура и уметност, не мрдаме никаде. Времето може да се исполни многу квалитетно,
со учење на нови работи, истражување, а најмалку со гледање на политички пропаганди, емисии без ни каква вредност, кои за жал, на голем број луѓе им се интересни.
Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Иако новите генерации се помалку гледаат телевизија, мислам дека со добра програма, може да се таргетира цела публика. Акцентот да сe стави на она што во моментов го нема. Ни фалат едукативни содржини, поврзани со уметноста, музиката, природата и животинскиот свет. Емисии во кои ќе се рекламираат младите таленти, дебатни емисии каде што ќе може да се разговара на различни теми, да се разменуваат мислења и идеи. Квизовите се исто така супер доколку покрај забавата можат и да не едуцираат. Ни фали програма што ќе ги смени секојдневните глупости и ќе ни го освежи мозокот. Еве моментално се пуштаат снимки од театарски претстави насекаде, што е супер. Имам чувство дека секогаш чекаме да се случи нешто за да направиме некаков чекор.
Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Како главен град веројатно е нормално да биде во центарот на вниманието, што не значи дека треба да се заборават другите градови и нивните вредости. Претежно се пласираат негативни работи , иако мислам дека Скопје има многу позитивни приказни за кои ни самиот не сум слушнал, а би сакал. На Скопје му треба поголема информираност околу културните настани, отколку секојдневните труења. Сигурен сум дека има кул работи, кои еден ден ќе бидат ставени во добра приказна.
Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?
– Во време на интернет технологиjа, и инстант информации, многу ретко гледам телевизија. Нашите телевизии и нивната содржина немаат никаква вредност. Изгледа треба да се потсетиме дека телевизијата како медиум треба да не информира, едуцира и забавува. Кај нас најважното не постои. Едукацијата. Препорачувам гледање на странски канали кои нудатодлични научни документарни емисиии филмови, како и канали со уметничка содржина.

Претходна вестДа престанат да не лажат, не е почната кампањата, а веќе ни ветија две милијарди евра
Следна вестСо гребење асфалт Шилегов нема да го реши затнатиот сообраќај во центарот на Скопје