5 работи кои градоначалничката Арсовска треба веднаш да ги решава во Скопје

Пред новата градоначалничка стојат многу проблеми кои го притискаат Скопје. Нивното решавање мора да се почне што поскоро. Само така ќе се исполнат изборните ветувања и ќе се оправда довербата добиена од скопјани. Не треба да се направи грешката на нејзиниот претходник кој долго чекаше за да почне да работи

 Скопје има многу потреби и проблеми. Многу приоритети не беа завршени во времето на градоначалникот Шилегов. Затоа скопјани и дадоа глас на Данела Арсовска, таа да го води градот во следните 4 години. Од каде да започне?

Во тоа мноштво на проблеми коишто го отежнуваат животот во градот, скопјани кои ги анкетиравме ги издвоија петте најважни работи кои мора да се решат. Арсовска не смее наредните четири години залудно да ги потроши.

 1. Непартиска, мала и ефикасна администрација

Со години е познато дека градот Скопје и општините имаат преголема и неефикасна администрација. Бројката од околу 15.000 административци и вработени во јавни претпријатија и други институции, од кои на Скопје отпаѓаат 640 вработени во градските служби и околу 7.600 вработени во градските претпријатија, треба да се намалува, а воедно вработените да станат ефикасни. Намалувањата до сега не се случуваа. Досегашниот градоначалник Петре Шилегов уште пред три години рече дека има вишок од околу 1.200 вработени, но потоа ништо не се намали. Меѓу градските претпријатија – ЈСП „Скопје“ сега има 1.307 вработени, „Комунална хигиена“ 1.231, „Водовод и канализација“ – 1.201, „Градски паркинг“ – 252… Новата градоначалничка Данела Арсовска е избрана како независен кандидат и таа треба категорично да се спротивстави на партиските вработувања. Тоа значи да престане на вработување на нови административци и други лица по јавни претпријатија. Кога во градот ќе се добијат градските служби кои се свртени кон потребите на граѓаните, тогаш многу од работите во градот ќе тргнат на подобро.

2. Чистота во град која континуирано се одржува

Македонската метропола е валкан и неисчистен град. Не се знае дали се понечисти улиците, тротоарите или, пак, зелените површини. Местата за фрлањето на смет – контејнери, канти за помали отпадоци – најчесто се претворени во мини – депонии. За поголеми диви депонии насекаде по градот нема потреба да се зборува. Сите кампањски акции за чистење до сега завршуваа со создавање на нови депонии. Дел од граѓаните се целосно несовесни и постојано го загадуваат градот, комуналните служби не постигнуваат да исчистат и постојано се жалат дека немаат доволно вработени, а инспекциските служби со казните никако да ги доведат во ред оние кои го валкаат градот. Ваквата слика за градот мора да се смени во наредниве четири години. 

3. Реорганизиран јавен превоз и нови сообраќајници

Сообраќаните гужви, колони возила, непроточни и тесни сообраќајници, бавен и недоволен јавен автобуски превоз се секојдневие во градот. Нервози, караници, инциденти и сообраќајни несреќи со жртви и повредени граѓани се најтешки последици од сето ова. Зафатите кои ги праваше досегашната градска управа беа недоволни. На градот му е потребно итно средување на концептот на јавниот градски превоз, а потоа и изградба на нови сообраќајници кои ќе овозможат непречено движење на се поголемиот број на возилата во градот.

Како приоритет сега се поставува запирање на постапката за воведување на концептот на БРТ (Брз автобуски транспорт) за кој досегашниот градоначалник веќе распиша тендер. Брзо треба да се направи концепт кој е поприфатлив и поизводлив во Скопје. Најавената набавка на 250 еко-автобуси мора да го спроведе. А за да заживее овој проект и да се средат сообраќајните проблеми важна е изградбата на низа нови капитални сообраќајници. Правењето на овие големи и сложени зафати мора да почне што побрзо за да бидат завршени во текот на наредните четири години.

4. Борба со загадувањето, нови паркови, гасификација

Опасноста од прекумерното загадување на воздухот си демне и делува секоја зима. Скопје пречесто е најзагаден град во Европа. Греењето на дрва, неисчистени оџаци, издувни гасови од возилата, градежна прашина, индустијски објекти… и натаму се главните извори на аеро-загадувањето. Новата градоначалничка не треба да го чека ветерот да и помогне. Тука секако ќе биде важна реализација и на изборното ветувањеза изградба на пет нови паркови по примерот на Градскиот парк, садење на 100.000 нови дрвја годишно, грижа за Водно, за парк-шума Гази Баба, како и давање субвеници за печки за пелети, инвертери, соларни и фотоволтаични панели… Важно ќе биде и да максимално бидат ангажирани инспекциските служби за да ги откриваат изворите на загадувањето и потенцијални еколошки „бомби“.

Освен ова, градот треба да биде максимално вклучен во државниот проект за воведување на гасификација на домаќинствата. 

5. Ревизија на ДУП-овите и нов Генерален урбанистички план

Во Скопје се гради немилосрдно и по несоодветни планови. Ова мора да сопре. Незадоволство, протести, петиции, кавги, караници, пренатрупани населби, бетонизација… е сето она што последниве години на градот му го донесе стихијната урбанизација. Причина за тоа во најголема мерка се Деталните урбанистички планови кои ги носеа општините, а ги аминуваше Градот Скопје. Примерите со пренатрупаните населби Дебар Маало, делови од Аеродром, Расадник… доволно зборуваат дека одлуките се носеа многу повеќе во интерес на „урбанистичката мафија“ отколку на граѓаните. Сега се чека на епилогот на слуачаевите со ДУП-овите со висококатниците на паркингот кај ГТЦ, за „Треска“, за новиот дел на „Расадник“, за „Дексион“… а кои со стотици новопредвидени згради предизвикаа отпор кај граѓаните. Новата градска власт во соработка со општинските власти мора да најде решение за спорните ДУП-ови.

Врзано со ова, важно ќе биде какви концептуални решенија ќе бидат вградени во новиот Генерален урбанистички план на кој почна да се работи во минатата година. Тој треба да биде донесен до крајот на 2023 година.

Што градоначалничката најави како приоритет?

Во својата изборна кампања новата градоначалничка Данела Арсовска наведе повеќе приоритети. Ова се дел од нив:

о Скопје без заборавени населби

о Бесплатен јавен превоз и 250 еко-автобуси

о Пет нови мега паркови

о Пет нови булевари

о Дигитализација на сите услуги

о Воведување на 24-часовна служба за граѓаните

Претходна вестСкопјанец во притвор и ќе одговара за убиство на својата баба
Следна вестШто сега работи македонскиот дел од историската комисија?