5 работи поради кои со страв влегуваме во 2022 година, има ли место за оптимизам?

Останаа многу незавршени работи од лани…

Годината која измина беше полна со предизвици. Многу од нив македонските политичари ги ставаа под тепих или не умееја да ги решат. Сепак, функцинерите сигурно преку медиумите за новогодишните празници ќе ни посакаат среќа и успех во животот. Но, дали е тоа доволно од нив?

 Заврши тешката 2021 година. Каква година ни следи? Вообичаено е доаѓањето на Новата година да е исполнето со надежи за подобро живеење. Впрочем тоа и си го посакуваме при секое честитање. Си посакуваме да не одминуваат лоши работи, да имаме добро здравје, да имаме материјална стабилност…

Сепак, и покрај желбите, реалноста е нешто друго и тука работите зависат од нас, ама и од општеството во целина, од политичарите кои не водат… Кои се 5-те работи кои ни прават да стравуваме каква ќе биде наредната година?

 1.Здравството ќе биде ли поподготвено за предизвиците?

Пандемијата на корона вирусот во текот на нејзиното веќе дваесет месечно траење во наша земја веќе остави претешки последици. Нејзиниот крај се уште не е на повидок. Не е на повидок и дека нашето здравство се потсреди од почетниот шок кога се појави вирусот и сега е поподготвено за предизвиците. До сега македонските граѓани платија прескапа цена: бројот на починати лица надмина 7.800, а на заразени 221.000 лица. Со така црн биланс сме меѓу први неколку земји во светот.

Слабостите кои ги покажа нашиот здравствен систем ќе бидат премавнати во следната година? До сега превентивните мерки често беа контрадикторни, недоследни па и надвор од логиката, нивната контрола беше недоволна, а и дел од граѓаните не ги почитуваа. Збунети беа и матичните лекари кои први се среќааа со заболените: немаа јасни протоколи како да постапуваат со инфицираните, немаа инструкции како да се препишуваат антибиотици па се случуваа непотребни користења на илјадници дози на силни антибиотици од страна на пациентите. Потоа излегуваше дека заболените умираат многу бидјеќи доцна се јавувале за болничка помош… А условите во болниците се посебна приказна. Доцнеше и набавката на вакцините…

Сето ова, а посебно прашањето дали ќе се најде адекватен здравствен одговор за да последиците од пандемијата ги плаќаме со што помал број на заболени и починати лица, стравот од претстојната година го прави оправдан.

2. Економска криза: Ќе има ли соодветни одговори за струјата, цените…

Доволно беше да настапат малку постудени зимски денови, кои си дојдоа сосема календарски најавено, па на виделина да излезат сите слабости на државните институции. Немаше доволно струја, па мораше да се позајмува со „упади“ во европскиот систем, да се плаќа потоа по високи цени за што отидоа милиони евра. Како ќе биде догодина? Со години ништо ново не се градеше во енергетскиот сектор: не се обновуваше стариот РЕК „Битола“, не се отвораа нови рудници за јаглен, не се направија нови гасни централи… Воедно, јавниот долг кон странство е на околу рекордните 7 милијарди евра, мали се странските инвестиции, порастот на домашното производство е се уште мал… Сега, почнаа да растат и цените – на лебот, на брашното, маслото за јадење, шеќерот, сирењето, месото, оризот, како и на становите…

Сега се чека и поскапувањето на струјата. Моќно е да има раст на инфлацијата, а со тоа и обезвреднувањето на платите на најголемиот број на граѓаните чиј просек никако да ги достигне ветените 500 евра. Ќе има ли економски подем во следната година?

3. Ќе платат ли политичарите прескапа цена за Македонија да добие „датум“?

Македонија со години чека „датум“ за почеток на преговорите за членство во ЕУ. И беше сменето името на земјата, се наруши-проблематизира и идентитетот на Македонците, за да се влезе во НАТО. Што ли  следната година властите ќе ни наметнат за да се почне преговори со ЕУ? Ултимативните барања на Бугарија сега го попречуваат почеток на пристапните преговори кои секогаш траат со години и години.

Во двете земји сега ќе има нови Влади. Дали нашата влада е поразлина од онаа на Зоран заев или се ќе си биде исто? Во јавноста се создава страв дека Македонија одново ќе ја плати голема и тешка цена на патот кон ЕУ чии темелни принципи се кршат со барањата на официјална Софија. Граѓаните очекуваат преговорите, кои сега ќе се водат по работни групи, да бидат транспарентни за да не се случи договорените решенија да се усвојат без нивна согласност. Односно, на време да се знае што е договорено како решение кое не смее да биде на штета на виталните македонски национални интереси и идентитет.

4. Политичката (не)стабилност

Политичката нестабилност во Македонија пушти длабоки корени. Ќе се сосечат или не, во следната година? Барањата на опозицијата за нови предвремени парламентарни избори се се посилен. Аргументи се во загубената доверба на граѓаните во владината коалиција, по нејзиниот убедлив пораз на локалните избори, стопирана евроинтеграција за што власта само најавува нови и нови „датуми за датуми“, економска криза, скандали, афери…

Од друга страна, власта се обидува да го истера мандатот до терминот за редовни избори во 2024 година. За таа цел прекуноќ се добиваат нови пратеници, се зголемува владината коалиција која сега има 64 пратеници, но што е пак далеку од стабилно мнозинство. Власта, која ќе добие нов мандатар-премиер со нов тим, ќе се обидува да ја поврати загубената доверба, да ја стабилизира нарушената економска состојба и да ја деблокира евроинтеграцијата. Опозицијата, пак, ќе укажува на лоши страни на потезите, на скандалите при што нејзината офанзива сега ќе биде зајакната и со атаците кои кон централната власт ќе се упатуваат од општините кои се под незјина контрола и најголемиот македонски урбан центар – Градот Скопје. А сето ова значи дека политичката состојба ќе биде далеку од стабилна и мирна…

5. Образование или конфузија?

Како ќе ги подготвуваме нашите мови генерации за предизвоиците во животот? Македонските ученици не се покажаа на меѓународните тестирања. „Единица“ по природни науки, „двојка“ за математика се оценките кои ги добивале на релевантно ПИСА истражување со кое се опфатени повеќе од 85 земји учеснички во сферата на примената на знаењата од научната писменост. Тоа само повторно потврдува дека со нашето образование нешто длабоко не е во ред.

Џабе се фалбите на министерката Царовска. Спроведените реформи во образовниот сектор не беа прифатени ниту од стручната јавност ниту од граѓаните. Наместо концепт зад кој ќе застанат сите врзани со образованието се понуди концепт изработен од тесен круг на луѓе поврзани со министерката. Оттаму, не зачудија револтот и отпорот на голем број граѓани – родители на учениците е поради укинување на посебните предмети Историја и Географија, игнорирање на мислењата на цела низа на образовните институции…

А на ова се надоврзаа и отпорите кон најавите за воведување на дигиталните и замена на печатените учебници за учениците. Како ли ќе биде догодина?

 ПОЛИТИЧАРИТЕ ДА СРАБОТАТ НЕШТО, ГРАЃАНИТЕ ПОВЕЌЕ ДА КОНТРОЛИРААТ

Да, сето ова се состојби, неизвесности и стравови со кои македонските граѓани ќе треба да влезат во нареднава година. Има ли место за оптимизам дека сето ова ќе се премавне? Носењето со проблемите ќе биде полесно доколку секој од граѓаните биде активно вклучен во справувањето со нив. А тоа значи да не се остане пасивен туку активен граѓанин кој ќе се грижи како за сопствените права, така и за доброто на државата и на сите граѓани. За таа цел граѓаните мора, многу повеќе отколку досега, да бараат да имаат граѓанска контрола врз одредени процеси, да имаат право преку референдуми да решаваат за клучни прашања во општеството и за нив да не одлучува мала група на луѓе.

Секако, пред се треба да сработат политичарите. Тие се дебело платени и имаат многу други привилегии, па време е да вратат на народот кој плажа. Ако не ги бива, нека ги вратат мандатите. Следната година може е добра за избори?

Претходна вестВо првата минута од 2022 година – првото бебе во Македонија
Следна вестНа една минута по полноќ се роди првото бебе, машко е, петто дете на мајката Сузана