50 компании сакаат да ја градат пречистителната станица на Вардар вредна 136 милиони евра

Досега 50 компании испратиле апликации на повикот за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води за град Скопје, а рокот за поднесување на апликации е продолжен до 1 септември, информира денеска ЈП „Водовод и канализација.

Повикот беше објавен во јуни годинава, а рокот за аплицирање беше до 17 август.

Изградбата на пречистителната станица, проект во вредност од 136 милиони евра е еден од најкапиталните инфраструктурни проекти кои во наредниве години треба да се изгради на подрачјето на градот. Според планираното, Скопје до 2025 година треба да ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар. Средствата во висина од 136,73 милиони евра, се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.

Пречистителната станица, со која урбаните отпадни води ќе се третираат во согласност со стандардите на ЕУ, ќе опслужува над 500.000 жители. Таа ќе ги третира отпадните води од подрачјата на девет од вкупно десет градски општини. Со тоа ќе се намали загадувањето на реката Вардар што позитивно ќе влијае врз животот на граѓаните течението на реката.  Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води во справување при екстремни временски непогоди.

Претходна вестИнспекторатот по еден месец утврди кој не го поцрвене Вардар, а уште бара кој го загади
Следна вестНакривената бандера во Буњаковец се исправи