Мисијата на ОБСЕ утре ќе даде оценка за изборите и за примената на новата технологија

 

-Бидејќи не станува збор за географски голема земја, со над 100 набљудувачи може да се добие статистички значајна анализа за спроведувањето на изборите, изјави шефицата на Mисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Македонија, Тана де Зулуета, појасувајќи дека годинава се во можност за систематско набљудување на гласачките места, за разлика од ланската година.

Во однос на проблемите кои се регистрирани со употребата на терминалите за отпечаток од прст при гласањето, таа вели дека станува збор за нова технологија и се следи нејзината примена.

Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и, како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За проценката ќе треба да се почека до утре, затоа што  не сакаме да коментираме за време на гласањето, рече Де Зулуета. Притоа додаде, дека строго се придржуваат до упатствата од властите за заштита од Ковид-19, како и дека во земјава се повеќе од еден месец и дека засега нема никакви инфекции.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР ги набљудува локалните избори на покана на Владата со тим од 165 набљудувачи, од кои 126 се краткорочни набљудувачи, кои се распоредени низ земјата. Инаку, Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР е составена од 20 долгорочни набљудувачи кои пристигнаа во земјава по 7 септември кога се отворени канцелариите на Набљудувачката мисија и оттогаш се распоредени низ земјава. Краткорочните набљудувачи се тука од средата и ќе останат до завршување на процесот на броење на гласовите. Според Де Зулиета, Мисијата ќе остане и за вториот круг од изборите, ако за тоа има потреба. Минатата година во земјава ОДИХР имаше специјална мисија за проценка на предвремените парламентарни избори на 15 јули.