Одрон на пат е многу незгодна појава. За возачите е опасност, ама и за надлежните е работа што е и те како незгодно. А пустотo, во Македонија многу патишта не се направени како што треба и има одрони. Сега најпознати се тиe на патот Св. Николе – Скопје. Големи се и си седат на патот со месеци.
„Тимовите на ЈП „Македонија пат“ денес и утре ќе извршат увид за да се констатира која операција од постоечките на терен може да ја завршат. За она што ќе биде потребна поголема механизација, ќе биде избрана компанија на тендерска постапка…“ Ова не е изјава која надлежниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски ја дал пред околу три месеци кога се случи голем одрон на карпи кои што ја блокираа една половина од новиот автопат. Изјавата на министерот се случи завчера, деведесетина дена откако почнаа маките на бројните возачи коишто поминуваат по ова делница која одвај се заврши.
Зошто немаше никаква реакција или ангажман за да се отстрани големите одрони и да се нормализира возењето по патот? Можеби прво го замолиле одроните сами да си одат, па почекале три месеци и сега кога виделе дека карпите се несериозни тргнаа да ги тргнат?
Инаку, на само неколку километри подалеку од одроните, градежните машини забрзано работат – прават патарини, за возачите да плаќаат дебело за поминување по безбеден и одржуван пат.