Home АКТУЕЛНО Ја слушна ли Владата пораката од граѓаните за преговорите со Бугарија?

Ја слушна ли Владата пораката од граѓаните за преговорите со Бугарија?

0
Ја слушна ли Владата пораката од граѓаните за преговорите со Бугарија?

Да не се прават отстапки кон Бугарија во однос на историјата и македонскиот јазик. Ова е порака на македонските граѓани која се испраќа подолго време кон власта. Сега таа порака е и повидлива откако е направеното истражување на мислењето на јавноста од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.

-Повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4 отсто), се наведува во резултатите од истражувањето.

Го виде ли Владата ова, дали ги виде високите проценти? Ова прашање уште вчера почнаа да го поставуваат граѓани на социјалните мрежи. Граѓаните, сметаат дека некакви отстапки се подготуваат гледајќи го она што се случува во контактите на двете влади и пониските тела и слушајќи ги изјавите за она што речиси веќе е прифатено. Затоа повикуваат тоа да престане.

Македонските владини претставници тврдат дека тие не преговараат за јазикот и за историјата, но не објаснуваат и не кажуваат детално за што се преговара. И зошто се брза?

Деновиве, владините функционери најавија дека се наоѓаме во посензитивен период од преговорите и дека се работи на еден сеопфатен документ – протокол или декларација – каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни и со кои ќе се заокружи ова прашање.

Што ова точно значи останува да се види. Од јавноста се добиваат јасни пораки дека не треба толку да се ита во целиот процес.

Дури и шефот на државата, Стево Пендаровски, во годишното ообраќање во македонскиот парламент рече дека не треба да се брза во решавањето на спорот со Бугарија.

-Кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, предупреди Пендаровски.

Така мисли и Владо Бучковски, доскорешен специјален владин претставник за македонско-бугарски спор.

-Нема потреба од форсирање и од брзање, изјави Бучковски.

Ако на ова се надодаде дека две третини од населението во Македонија е против попуштање на Бугарија, тогаш станува јасно што треба да прави Владата. Власта ќе го послуша ли народот?