Привремено е намалувањето на посмртнината од 30.000 на 25.000 денари за починати пензионери, соопшти денеска од Одборот на Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Во информацијата до јавноста се наведува дека 5.000 денари ќе почнат да се враќаат со јулската пензија.
–Намалувањето на средствата што од Солидарниот фонд се исплаќаа за посмртнина од 30 на 25 илјади е привремено, а петте илјади дополнително ќе се исплатат од јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства. Намалувањето и успорувањето на динаминката на исплата, велат од Одборот на Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина.
За сите прашања од Солидарниот фонд, одлучува Одборот на Регистрираната организација составен од пензионери од четирите сојузи во нашата држава.
Тие објаснуваат дека намалувањето е последица од поголемиот број починати лица.
-Обемот на средствата во Солидарниот фонд зависи од акумулираните средства и бројот на починати корисници на пензија. Имено, до пандемијата умираа околу 1200 корисници на пензија просечно месечно, а сега за време на пандемијата над 1800 корисници на пензија. Со тоа се зголеми бројот на примателите на посмртна помош и времето на чекање на исплата на отпремнината. Со цел да се помогне на примателите и да се намали бројот на времето на чекање, Одборот донесе времена одлука да им помогне на семејствата и да им се исплати најголем дел од отпремината од 25.000 денари, а 5.000 денари, дополнително ќе започнат да се исплатуваат со исплатата на јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства, се вели во денешното соопштение од Одборот.
Информација дека е намалена посмртнина предизвика бројни реакции на пензионерски здруженија и барања таа да се врати на претходното ниво од 30.000 денари.
-Не е вистина дека е намалена посмртната помош од 30.000 денари на 25.000 денари трајно, што непотребно создаде немир и забуна меѓу пензионерите. Средствата за Солидарен фонд се обезбедуваат од корисниците на пензија од врз основа на нивна согласност. Тие средства се уплатуваат на посебна под сметка во рамките на трезорската сметка и наменски се користат само за исплата на посмртната помош, се наведува во информацијата.