Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен, менувањето денари во девизи е непотребен трошок за граѓаните

Денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Граѓаните да не подлегнуваат на шпекулациите дека на пазарот нема девизи, порача во интервју за државната агенција МИА гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во интервјуто, таа потенцира дека нема никакви причини за промена на курсот на денарот.

-Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи. Имаме капацитет и имаме инструментариум да го одбраниме курсот на денарот, доколку се јави потреба. За капацитетот говорат изминатите речиси три децении, кога низ многу кризи беше успешно одржана стабилноста на домашната валута. За инструментите, иако ни стојат на располагање повеќе инструменти, ќе го истакнам најважниот – девизните резерви, кои се високи, 3,4 милијарди евра, или на двојно повисоко ниво во однос на 2008 година, кризна година, година на глобална финансиска криза, кога исто така успешно ја задржавме стабилноста на денарот. И ММФ во последниот извештај за земјава, објавен минатиот месец, посочува дека нивото на девизни резерви е соодветно на политиката на девизен курс што ја применуваме, рече таа.

Ангеловска – Бежоска им порача на граѓаните да не подлегнуваат на паника околу курсот на денарот.

-Деновиве, зачестија шпекулациите во однос на побарувачката на странски валути, конкретно евра, на домашниот пазар. Морам да го адресирам ова прашање, бидејќи реално овие шпекулации на граѓаните им создаваат материјална штета. Сведоци сме дека, во време кога се зборува за криза, сè уште дел граѓани прибегнуваат кон претворање на заштедите во девизни или да купуваат девизна готовина. Покрај тоа, се јавуваат и шпекулации дека на пазарот нема девизи, што апсолутно не е точно. На овој начин се прави неосновна паника и граѓаните, врз основа на шпекулации, плаќаат и повисока цена за промена на валутите и губат средства, нагласи таа.

Гувернерка додаде дека не се очекува случувањата во Украина да имаат позначително директно влијание врз домашниот банкарски сектор.

-Во однос на инфлацијата кај нас, присутни се нагорни ценовни движења – феномен присутен во сите земји во моментов. Овој феномен е главно одраз на раст на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и погенерално раст на увозните цени на другите производи. Најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата во ЕУ, како наш најзначаен увозен партнер, како и нагорните ревизии на светските цени на енергентите и храната упатуваат на повисока инфлација и кај нас оваа година, а потоа постепено намалување наредната година. Преземените фискални мерки би требало да ги ублажат краткорочните ефекти. Доколку се јават поизразени притисоци од страна на побарувачката, не треба да има дилема дека Народната банка навремено ќе реагира со инструментариумот што го има на располагање. Накусо, сè што треба да се прави – правиме, рече гувернерка.

Претходна вестЃорге Иванов: Првите луѓе на ОН мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва
Следна вестВандализмот никако да запре, во Дебар маало гореа пет контејнери