Нови пет контејнери за собирање отпад се запалени и изгорени во скопската населба Дебар маало денеска околу 11 часот. Четири контејнери, од кои е еден за рециклирање на пластика, се целосно изгорени, а еден е оштетен. Огнот избувна од се уште непознати причини на улица „Коле Неделковски“ во близина на кружниот тек во оваа скопска населба. При горењето оштетено е и возилото „мазда“ коешто беше паркирано во близина на контејнерите. Случај на палење на контејнери на оваа локација имаше и во јануари минатата година.
Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје веднаш излегла на терен со четири возила по што пожарот е локализиран и е спречено да се прошири на возилото и на соседните згради.
Ова е нов случај на палење на контејнери во градот. Неодамна беа запалени три новонабавени контејнери за отпад на булеварот „Крсте Мисирков“, во близина на Бит Пазар. Со нив, од почетокот на годинава беа опожарени вкупно 12 пластични контејнери поставени на јавни површини. Сега, со случајот во Дебар маало, бројката ќе се искачи на 17. Но, досега полицијата и други комунални служби не открија сторител на опожарувањата. А пироманите си тераат по свое.