Антикризните мерки на Владата предводена од СДСМ даваат конкретен резултат, намалени се цените на горивата како резултат на мерката за намалување на ДДВ и акцизата, став е на владеачката партија.
На денешната конференција за печат, Костадин Ацевски, член на Извршен одбор на СДСМ, рече дека донесените 26-те антиктризни мерки, вредни 400 милиони евра директно го штитат стандардот на граѓаните и економијата.
-Мерката за намалување на маржите во комбинација со мерката за намалувањето на ДДВ на основните прехранбени производи на 0 отсто исто така веќе дава резултат. Цените на основните прехрамбени производи остануваат стабилни, ги штитиме граѓаните од ценовен шок на основната храна. Со овие мерки се опфатени лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот, рече тој.
Тој додаде дека приоритет е да се штити стандардот на граѓаните.
-Знаеме сите дека нема да биде лесно, сето ова е последица од инвазијата врз Украина, но со вистински политики, со одговорност, со посветеност ќе ја пребродиме и оваа криза. Очекуваме сите чинители во државата да покажат одговорност, да се солидаризираат и заеднички да придонесат да ја пребродиме оваа глобална криза со најмали штети, потенцира Ацевски.