Денеска на пладне во објектот на Македонската филхармонија ќе бидат соопштени резултатите од пописот на населението. Настанот на кој ќе бидат презентирани резултатите, како што информира Државниот завод за статистика, е поделен во два дела: во првиот дел, со почеток од 11 часот, ќе бидат доделени благодарници на институциите што придонеле за успешното спроведување на „Попис 2021“, а во вториот дел, со почеток во 12 часот, ќе бидат објавени податоците.
На презентацијата ќе се обратат директорот на ДЗС Апостол Симовски, заменик-директорот Илми Селами и меѓународниот експерт од Словенија, Данило Доленц. Се очекува присуство на премиерот Димитар Ковачевски, на членови на Владата, на претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од регионот и пошироко.
Како што беше објавено по завршувањето на пописот, во текот на операцијата се попишани вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
-Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет податоци што ќе биде објавен, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик што вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства. Во месеците што следуваат ќе бидат објавувани сетови податоци за образовните и за економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост. Некои од податоците ќе бидат објавени во пригодни публикации, а сите податоци, на сите нивоа, ќе бидат достапни во Макстат базата на податоци на нашата веб-страница, изјави за МИА директорот на ДЗС Апостол Симовски.
Инаку, во дел од јавноста има незадоволство од тоа како се спроведува пописот. Една партија повикуваше и на бојкот. Политички партии си лицитираа колку проценти треба да биде застапеноста на некои етнички групи…