Украина со нов услов во преговорите, Русија не сака да го изложува Киев на голем воен ризик

Прво повлекување на руските воени единици, а потоа потпишување на договор за безбедносни гаранции за Украина. Ова е нов услов кој го поставуваат украинските власти откако вчера беше постигнато дреден напредок на мировните преговори што се одржаа во Истанбул, Турција.

Постојаниот претставник на Украина во Советот за безбедност на ОН, Сергеј Кислица изјави дека страните во руско-украинските разговори ќе ги продолжат консултациите за подготовка на договор за безбедносни гаранции за Украина.

-Станува збор за „механизам за воведување прекин на огнот, повлекување на војниците и другите вооружени формации, трајно безбедно функционирање на хуманитарните коридори, како и размена на жртви, ослободување воени заробеници и цивили. Потпишувањето договор за безбедносна гаранција ќе биде можно само откако сите руски вооружени групи ќе се вратат на своите позиции од 23 февруари 2022 година, нагласи Кислица.

Рускиот преговарач Владимир Медински за агенцијата Тас изјави дека ветувањето на Русија за намалување на воените операции во околината на главниот град Киев и на северот на Украина, не значи и целосен прекин на огнот, а преговорите со украинската страна сѐ уште не им се надѕира крајот.

Русија не сака да го изложува Киев на голем воен ризик. Но нема наскоро да успееме да го постигнеме договорот кој им одговара на двете страни, оцени Медински.

Инаку, утрово се слушнале експлозии кај Киев кои доаѓале од периферијата на главниот град. Ова доаѓа откако по вчерашните преговори, Русија кажа дека планира да ги намали операциите во близина на Киев и Чернихив. Сè уште не е познато дали експлозиите доаѓаат од руските или украинските сили или можеби од двете страни.

Украинските вооружени сили објавија дека постои опасност од експлозија на муниција во нуклеарната централа во Чернобил и дека руските сили кои ја окупираа централата мора да се повлечат од таа област.

Русија и Кина на денешниот состанок на министрите за надворешни работи се договорија да ја прошират соработката во услови на „тешки меѓународни околности“.

Претходна вестКонечно основците не мора да носат маски во училиште
Следна вестЈавно обвинителство: Во извидничкиот камп не се ширела детска порнографија