Одземена е и престана да важи лиценцата на БЕГ за парно греење во Скопје, а новата компанија ќе се бара преку јавен повик, најави денеска Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
-Оваа одлука значи дека Друштвото за производство на топлинска енергија „Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје“ повеќе нема лиценца за вршење на енергетска дејност производство на топлинска енергија од страна на регулиран производител. Сѐ до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата, објасни Бислимовски по седницата на РЕК.
Тој очекува роковите да бидат куси за да може брзо да се организира топлинското загревање на станови и фирми во Скопје. Ова е една од трите лиценци што ги има БЕГ. Поднесени се барања за престанок и на лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, по што РКЕ ќе донесе соодветни одлуки.
Бислимовски додаде дека лично смета дека оваа дејност треба да ја врши компанија кога ќе биде во државна сопственост.
-Имајќи ги предвид искуствата на другите градови пред се од поранешна Југославија, вообичаено е оваа дејност да ја вршат или компании кои што се во државна сопственост или пак компании кои се во сопственост на општините или градовите, рече Бислимовски.
Тој изрази уверување дека државата има и дека ќе обезбеди доволно гас за топлинска енергија и дека цената нема да влијае на стандардот на граѓаните.
-Кој и да биде операторот, тој според законот мора да има резерви за најмалку 15 дена и алтернатива за префрлување на мазут. Или, може да се користи дизел гориво како алтернатива на мазутот, со мали преправки во топланите кои можат да се извршат за кусо време, рече претседателот на РКЕ.