Кој сака да гледа брзо возење оди на трки на Формула 1. Е, ако си во Македонија доволно е да излезеш и на некој од автопатиштата. Само треба да се застане покрај патот и да се чека – набргу ќе пролета некој со 200 километри на час, па уште еден кој сака да го престигне стискајќи го педалот до даска, па по извесно време трет… Плус поинтерсно е гледањето брзо возење по нерамен пат на кој има и дупки.
Покрај таквите патишта по некогаш стојат и полицајци. И тие гледаат. Вчера одново забалежале еден од „врвните“ и неславни рекорди кои ги постигнуваат возачите на македонските патишта. На делницата Куманово – Скопје – Велес полицискиот радар го „фати“ возилото коешто се движеше 204 километри на час, односно, цели осумдесетина километри повеќе од дозволените!
Не се знае дали возачот се обидувал да го сруши неодамнешниот рекорд кога на истиот автопат од Скопје кон Велес полициска патрола одвај застана возач кој јурел дури со 234 километри на час. За сличните возења на делницата Гостивар – Тетово ич да не споменуваме.
Македонските патишта се повеќе стануваат арени за безобѕирно и опасно возење. Само вчера казна „заработиле“ 1.062 возачи поради пребрзо возење што значи дека на секоја минута и пол имало возач кој правел ваков сообраќаен прекршок. А колку имало такви што поминале неказнето?
Полицијата ќе го скроти ова? Да не им требаат возила од Порше или Ферари?
Освен зачестени контроли потребни се други мерки како, на пример, долготрајно одземање на возачка дозвола, повторно полагање на возачки испит, големи парични казни… ама и сето тоа да се спроведува за сите, а не само да се има како регулатива на хартија.
По се изгледа потребни се и заострувања на казните кои судовите ги изрекнуваат. Минатата година тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ најави воведување на ново кривично дело „безобѕирно возење“ за кое би следела и затворска казна до 3 година, а кога би имало смртни последици и до 4 години.
И, до каде е спроведувањето на предлогот?