Да се штеди, да се штеди… Ова е постојан рефрен којшто го слушаме од највисоки владни претставници во овој период кога инфлацијата галопира, кога растат цените, кога платите стануваат се помали во однос на трошоците на животот,кога државната каса е на удар, кога. Дали министрите само го кажуваат рефренот или и штедат?
На пример вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, до каде е со штедењето? Новинарско истражување на порталот „А1он“ покажало дека тој месечно трошел по цела една просечна плата на државна сметка по ресторани. Па, така, за себе и за своите гости си дозволувал и нарачки на јадења од стилот на бифтеци, калифорниски пастрмки, јунешки мускули… Само во една пицерија направил сметка од 17.000 денари, а на менито се наоѓале и висококвалитетните вина…
-Сите случаи се во рамките на дозволеното законско трошење, колкушто е определено за секој министер. За секоја сметка постои записник. Кога работам нормално е да работен ручек биде на државна сметка. Се е потрошено за делегациите, се правдаше Маричиќ на медиумот.
Ете ново откритие кое министерот ни го кажа, а сите работодавци во Македонија го криеле – нормално било кога работиш ручекот да биде скап и да е на сметка на работодавецот. Браво, министеров ќе го биде за синдикалец.
Но, останува тука и едно прашање: А мора ли голем број од работните состаноци да завршуваат со јадења на бифтеци, пастрмки, мускули, со сортни вина…? Не може ли некогаш да се прескокне ресторанска гозба или барем да биде далеку поскромна во име на штедењето?
Ако пак Маричиќ не може да состанчи без при тоа и да руча, нека ја напушти Владата – оти таа е за штедење, нели?
А ако муфте ручекот му е и понатаму неопходен, нека се вработи во македонска градежна, текстилна… фирма па нека види што ручаат работниците кои му го плаќаат неговиот незаслужен скап оброк.