Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја прифати иницијативата за референдум за преговарачката рамка по што ќе следуваат консултациите.
-Референдумот е начин да се чуе гласот на народот и од власта која е предавничка и од претставниците на ЕУ. Македонскиот народ сака да влезе во ЕУ, но под услови какви што важеле за сите претходно. Протоколот кој е дел од преговарачката рамка ја негира македонската посебност, македонскиот јазик и историја. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи бугаризација на државата. Народот нема да дозволи бугаризација, се вели во партиското соопштение.
Најголема опозициска партија наведува дека во периодот кој претстои ВМРО-ДПМНЕ ќе отпочне широки консултации за референдумот кој треба да следи, како и за формулацијата на истиот.
-По завршување на консултациите ќе се спроведе истиот. Народот ќе може да каже гласно НЕ за бугаризација, се потенцира во соопштението.
Од друга страна, владеачката партија СДСМ соопшти дека ова покажува дека нема демократија во ВМРО-ДПМНЕ.
-Според официјалните податоци само Христијан Мицкоски е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно проф.др. Христијан Мицкоски е толку сестрана и комплексна личност што може самиот тој да биде единствен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и негов претседател. Значи претседателот на ИК Мицкоски предлага нешто, на пример дека треба да се одржи референдум, ама се уште не знае како треба да гласи прашањето, па членот на ИК Мицкоски едногласно го поддржува предлогот. Тоа е демократијата во Белата плата, се наведува во соопштението.
Од СДСМ наведуваат дека седниците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се најобична фарса.
-Таму ништо не се одлучува, само се исполнуваат желбите на Мицкоски, порачаа од владеачката партија.