ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје се соочува со драстичен пад на наплатата на побарувањата како од домаќинствата така и од правните субјекти, што го доведуваат во прашање извршувањето на примарните активности на Претпријатието на терен, вели Косана Мазнева, в.д.директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Мазнева.
Во информацијата од оваа градско комунално претпријатие којашто денеска е споделена со јавноста се наведува дека ситуацијата е крајно отежната.
-Цените на горивата што се употребуваат за нормално функционирање на возниот парк на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се зголемени за над 80 проценти во однос на минатата година, додека идентична е состојба и со цената на електричната енергија. Имајќи предвид дека активностите и дејствувањето на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се од витално значење за нормалното функционирање на градот Скопје и пред сè фактот дека нашето финансирање се одвива исклучиво преку наплатата на нашите услуги што поради новонастанатата ситуација е крајно отежната, ја поддржуваме иницијативата на АДКОМ за изнаоѓање институционално решение за излез од финансиската криза на јавните претпријатија во државата, соопшти Косана Мазнева.
Инаку, во соопштението се наведува дека во периодот јануари-јуни 2022 година, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје подигнаа и транспортираа вкупно 76.856 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, односно 425 тони на ден. Направени се 11.940 тури на собирање, или просечно по 66 тури дневно.
-Во текот на првите шест месеци од годината беа отстранети приближно 5872 м3 отпад од голем број диви депонии лоцирани во речиси сите скопски општини. Во периодот од 21 март до 28 мај 2022 година, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје учествуваше во акциите за генерално чистење на сите скопски општини во организација на Градот Скопје, во чиишто рамки беа отстранети диви депонии на приближно 150 локации, се наведува, покрај другото, во информацијата до јавноста.