Се празнува Успение на Пресвета Богородица, празник на мајката на животот

Православните христијански верници денеска го празнуваат големиот празник Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос. Христијаните веруваат дека, како и Исус и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување. Овој празник се смета како празник на мајката на животот и е еден меѓу дванаесетте големи христијански празници. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.

По раѓањето на Исус, Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај старателот Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскресение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус ѝ порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка. Светото евангелие според Јована за ова сведочи: „А Исус, штом ја виде мајка си, и ученикот кого го љубеше како стои ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син“! Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе“ (Јован 19/26, 27) Се поставува прашањето зошто Исус од крстот на мајка си ѝ се обратил со „Жено“ а не со „Мајко“? Истражувачите на оваа проблематика сметаат дека со тоа сакал да ја заштити од своите непријатели: „Околу крстот Христов се наоѓале неговите најголеми непријатели и Он така ѝ се обратил за да ја заштити од нивната дрскост и злоба, оти тие ако знаеле дека тука е неговата мајка, можеби ќе ѝ нанеле и нејзе некое зло“.

За време на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол Светиот Дух, при што и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Богородица живеела кај свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги започнал своите големи прогони на христијаните, апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда евангелието. Јован со Богородица отишол во Ефес, од каде што таа ги посетила св. Игнат Богоносец во Антиохија, св. Лазар воскреснатиот од Исуса кој бил епископ на Кипар и Света Гора којашто во таа прилика и ја благословила. И по враќањето во Ерусалим Богородица живеела во домот на апостолот и евангелист свети Јован Богослов и ги посетувала местата на кои за време на животот на Исус се случиле важни настани како што се Голгота, Витлеем, Гетсиманија, Елеонската Гора, потоа гробот на Исус итн. А во овие посети некои истражувачи гледаат зародиш на христијанскиот аџилак.

Особено Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос ѝ пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што ѝ ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега ѝ кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. Ѝ предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде.

На 15-тиот ден во месецот, во третиот час од денот, Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, (Лука, 1/46-48) по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. (Лука, 1/28) Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето ѝ светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.

По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се: Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, и сл.

Низ цела Македонија во манастирите или црквите што го носат името на Пресвета Богородица на празникот Мала Богородица се одржуваат масовни народни собири. Така е крај манастирот во Матка крај Скопје, кај црквата во центарот на Скопје, во Лешочкиот манастир крај Тетово, во Берово, и на повеќе други места.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан по повод празникот ќе чиноначалствува со Светата божествена литургија во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, крај Скопје. Литургијата започнува во 8:30 часот.

– Возљубени во Христа, Ве покануваме на Богослужбите во чест на Успението на Пресвета Богородица. Ќе ни биде драго заедно со Вас, да и укажеме почит и благодарност на нашата Мајка и заштитничка Пресвета Богородица, која вистински не закрилува нас сите и заеднички достојно да го прославиме Нејзиното Успение, е пораката што ја упати сестринството од Манастирот.

Во дворот на манастирот традиционално на овој ден се одржува крводарителска акција.

Сестринството упатува апел до граѓаните и верниците, кои за време на празничните денови во голем број доаѓаат во манастирот, да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид -19: да се одржува физичко растојание од 1.5 метар или задолжително да се носи маска, да се врши дезинфекција на рацете при влез и за време на престојот во манастирот.

Претходна вестПроменливо облачно со локални врнежи од дожд
Следна вестКазни за 238 возачи во Скопје, 78 за брзо возење