Над илјада загинати лица во поплавите во Пакистан

Бројот на жртвите во катастрофалните поплави коишто го зафатија Пакистан надмина 1.000 лица, соопштија денеска пакинстанските власти.

Поплавите предизвикани од силни дождови уништија села и земјоделски насади, а војниците и спасувачите деноноќно работат на евакуација на жителите и нивно сместување во шелтери со храна.

Според пакистанското Национално тело за справување со кризи, бројката на загинати лица е 1.033, а 199 од нив биле регистрирани во последните 24 часа. Оттаму додале дека овогодишните поплави се споредуваат со оние во 2010, кога во Пакистан над 2000 жители ги загубиле своите животи, а петтина од територијата на земјата била поплавена.

Шери Реман, пакистанска сенаторка и министерка за животна средина, во своја видео објава на Твитер, изјавила дека Пакистан се соочува со сериозна климатска катастрофа – една од најголемите во последната декада.

-Државата се наоѓа на фронтот на климатска криза, се соочуваме со топлотни бранови, шумски пожари, поплави, а сега и со најлошата монсунска сезона во деценијата, која ја опустоши земјата, истакнала Реман.

Овогодишната монсунска сезона влијаела врз повеќе од 33 милиони луѓе, односно секој седми жител. Скоро 300.000 домови биле уништени, бројни патишта се непроодни, а голем број на реони немаат пристап до електрична енергија. Поплавите ја погодија државата во едно од најлошите времиња за Пакистан, кога економијата е во слободен пад, а поранешниот премиер Имран Кан беше сменет од позицијата по изгласување на парламентарна недоверба.

Претходна вестНа Денот на рударите Бучим и Боров Дол објавија привремен прекин на производство, Ковачевски ветува подобар стандард
Следна вестБујар Османи во Голо Брдо: Обезбедуваме поддршка за заштита и промоција на јазични и културни особености на Македонците во Албанија