Бујар Османи во Голо Брдо: Обезбедуваме поддршка за заштита и промоција на јазични и културни особености на Македонците во Албанија

Северна Македонија обезбедува поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија, преку конкретни проекти и соработка, соопшти денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој престојуваше во посета на месноста Голо Брдо во Албанија кадешто имаше средба со Македонците од овој крај.

Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој напиша дека нашата земја има одлична соработка со  албански институции.

-Благодарни сме за нивната поддршка за македонското национално малцинство во Албанија. Потребни се дополнителни заеднички напори со Албанија за промена на режимот на работа на граничниот премин Џепиште-Требиште со што би се подобрила економската и трговска соработка во овој крај, како и слободата на движење на локалното население од двете страни на границата. Ова прашање беше покренато како едно од клучните прашања од интерес на македонското население во областа Голо Брдо, наведе во објавата Османи.

Овој граничен премин беше отворен во 2013 година и работи само преку ден. Македонците од Албанија бараат тој да работи 24 часа.

По ова, предвидено е Османи да престојува во регионот на Пустец каде се предвидени  средби со претседателот на Македонската алијанса за европска иднина (МАЕИ), Васил Стерјовски, како и со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски, како и посета на повеќе локации, училишта, спомен куќи, кои се од посебно значење за локалните жители. Посетата на Македонците во Албанија Османи ја најави вчера на прес-конференција на новинарско прашање во однос на актуелните тврдења на претставници од македонската заедница во Албанија дека се соочуваат со притисоци да се попишат како Бугари на претстојниот попис закажан во октомври.

– Јас веќе имав комуникација со нив и се договоривме, ќе ги посетам и Пустец, Џепиште и Требиште, каде исто така живее македонско национално малцинство во Албанија. Ќе ги посетам и општините и училиштето и ќе имам комуникација со граѓаните и нивното здружение во текот на целиот ден за да ги слушнам нивните забелешки и да видиме што можеме ние да помогнеме во комуникација со Република Албанија, изјави Османи.

Претходна вестНад илјада загинати лица во поплавите во Пакистан
Следна вестЗагина мотоциклист во кочанско