Од утре државните институции треба да трошат 15 отсто помалку струја: Ќе се исклучува декоративното осветлување, клима – уредите ќе греат до 20 степени..

Почнувајќи од утре државните институции треба да трошат за 15 проценти помалку електрична енергија во споредба со минатиот месец. Доколку тоа не се направи, ќе има санкции за нивните раководители. Ова е мерка за штедење на електрична енергија во земјава чијашто примена на 16 август ја најави министерот за економија Крешник Бектеши а ќе важи до 31 март следната година.

Мерките се препораки за домаќинствата и компаниите, додека за државни институции тие се задолжителни.

Предвидено е исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се печатат само потребните материјали и да се заменат прозорците со енергетски ефикасни.

-Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат согласно етичкиот кодекс и сите уредби, одредени санкции за сите раководители на институциите, кажа тогаш Бектеши.

Од друга страна, бизнис секторот треба да го стори истото, но таму ова е само препорака.

На домаќинствата им се препорачува вклучување бојлер по потреба и по можност на евтина струја. Машините за перење и за миење садови да се вклучуваат само кога се полни и, исто така, на евтина струја. Грејните тела да се користат разумно и максимално да се користи дневната светлина и топлината од сонцето. Сијалиците да се изгаснат кога не се престојува во одередни простории, а да се готви во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата. Просториите интензивно да се проветруваат…

Претходна вестСтруен удар за македонските лидери
Следна вестДржавните ревизори изразуваат резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ