Државните ревизори изразуваат резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ

Државните ревизори се резервирани во однос на тоа дали финансиските извештаи на најголемите политички партии во земјава за 2020-та година вистинито и објективно ја прикажуваат состојбата. Ова го покажуваат објавените извештаи од страна на Државниот завод за ревизија по извршените контроли во овие партии.

– Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики, идентичен е став кој е напишан во завршните извештаи по посетата на државните ревозири на овие три партии.

Во случајот на СДСМ е наведенно дека партијата уште не ја решила сопственоста на имотот и дека членарината не се уплатува како што треба.

– За дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата не е решен сопственичкиот статус, поради што истите не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата. Средствата за членарина од секоја општинска организација се уплатуваат директно на трансакциската сметка на партијата, во вкупен износ за сите поединечни уплати, а не одделно за секоја уплата, укажуваат ревизорите.

За ВМРО-ДПМНЕ е констатирана состојба која се однесува на забрана за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка.

-Тоа влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, за што овластениот државен ревизор извести и во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2019 година, се наведува во извештајот.

Во однос на ДУИ е наведено дека има забелешки околу уплата на членарината.

-Уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит; пописните листи не содржат вредносни показатели, податок за локацијата на која се наоѓаат и не се обележани со инвентарни броеви и не е приложена соодветна поткрепувачка документација за дел од фактурите за кои се извршени расходи во текот на 2020 година, наведуваат ревизорите.

Во случајот на партијата Беса контролата покажала дека ревизорите немаат резерва во однос на вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи.

Претходна вестОд утре државните институции треба да трошат 15 отсто помалку струја: Ќе се исклучува декоративното осветлување, клима – уредите ќе греат до 20 степени..
Следна вестКатолички свештеник од Риека одбил да крсти дете на хомосексуална двојка