ДУИ избра ново Централно претседателство, Артан Груби веќе не е организациски секретар

Демократска унија за интеграција денеска избра ново Централно претседателство на партијата како и повеќе партиски функционери. Извршените кадровски решенија се толкуваат како исполнување на барањата на тнр. „Огнена група“ во однос на добивање на конкретни партиски функции.

Околу 120-те членови на Централниот совет на ДУИ во Тетово за нешто повеќе од еден час го завршија состанокот, на кој беа избрани 37 члена на централното претседателство, како и седум други функции.  Изборот на партиските функционери се направи по предлог на претседателот Али Ахмети кој ги прочита предлозите и ги стави на гласање.

За потпретседатели на партијата избрани се Изет Меџити, Арбер Адеми, Бајрам Реџепи и Арбана Пашоли. Блерим Беџети е избран за организативен секретар, на местото на претходникот Артан Груби, а Фатон Ахмети за генерален секретар и Саранда Имери, секретар за еднакви можности.

Во Централниот совет ќе бидат Али Ахмети, Рамиз Мерко, Јетон Шаќири, Фатмир Дехари, Крешник Бектеши, Талат Џафери, Невзат Бејта, Валдет Џафери, Теута Арифи, Џеват Адеми, Артан Груби, Бујар Османи, Висар Ганиу, Назим Буши, Ејуп Халими, Ариан Даци, Бесник Емшиу, Мирсад Ибраими, Ардита Дани, Билент Сали, Реси Абдурахмани, Шергил Беќири, Шабан Мемети, Артин Спахиу и Емир Сулејмани.

Претседателот Ахмети за членови на Надзорниот совет ги предложи Муса Џафери, Беким Незири, Јуамин Синани, Зенун Матјани, Мемет Селами, Шукри Масурица и Недим Рамизи, кои потоа и се избрани.

На средбата, Талат Џафери побара да се додадат уште 11 членови, но на овој предлог веднаш му се спротивстави Муса Џафери. Предлогот на Талат Џафери не беше прифатен, бидејќи мнозинството не гласаше за неговиот предлог, по што го напушти состанокот.

Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи по извршениот избор на новото партиско централно претседателство оцени дека листата со партиски функционери е инклузивна по однос на регионалната претставеност, генерациска и полова застапеност и дека таа едногласно беше поддржана од Централниот совет.  Со ова централното претседателство со 37 членови веќе почнува уште наредниот ден да функционира.

На новинарските прашања зошто не се разговараше за отчетноста на членовите кои се во извршната власт, Османи со одговор дека тоа се прави секојдневно.

– Отчетноста е наша постојана задача. Ние отчетност даваме пред се пред вас, пред јавноста и тоа го правиме најредовно можно. Но, се разбира, имаме должност да бидеме отчетни и кон органите на партијата коишто не има предложено. Сега се формира, т.е. денеска се формираше претседателството и очекувам до крајот на месецот да ја имаме и првата конститутивна средба. Се разбира, таму ако има интерес ќе ги претставиме уште еднаш, истакна Османи.

За тоа дека состанокот кратко траеше, Османи рече дека е така со оглед дека долго е подготвуван.

Претходна вестДУИ избра ново Централно претседателство, Артан Груби веќе не е организациски секретар
Следна вестВо сообраќајка кај Драмски театар тешко повреден велосипедист