Градењето на важни инфраструктурни проекти е еден од приоритетите на Владата. Колку пати македонската јавност го слушнала ова од некој министер?
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во големо интервју за МИА истото го повторува. Тој најавува градење дури и во Скопје каде за тоа би требало повеќе да се грижи локалната власт.
-Ја разгледуваме можноста за преземање на некои инфраструктурни, капитални проекти кои се од значење за градот и граѓаните на Скопје на подолг рок, како што е реконструкцијата на Универзалната сала или пак важни клучки, улици и мостови кои останаа недовршени од минатиот мандат како што е на пример изградбата на мостот на „Љубљанска“, вели Ковачевски.
Ова, како што објаснува тој, Владата ќе го правела во обид да ги спаси важните проекти и да му обезбеди можност на Скопје да се развива во иднина во навистина модерен град како и што било планиран.
Сепак, премиерот планира многу повеќе да се гради и низ Македонија.
-Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови, продолжуваме со проектот за гасификација на државата, потенцира Ковачевски.
Дека градењето е она на што се посветени министрите Ковачевски посочи и пред еден месец:
-Факт е дека за само пет години, од 2017 година наваму, изградени се патишта во должина од околу 1.300 километри, што е значително поголема динамика, ако се земе предвид дека во претходниот 10-годишен период биле изградени двојно помалку патишта низ земјата, само околу 650 километри. Сега, активно се градат автопати во должина од 59 километри и се подготвува изградба на автопати во должина од преку 130 километри (за Коридор 10-Д и Коридор 8) и Скопје Блаце, фаза 2”, објасни тогаш Ковачевски.
Дали толку многу ќе се гради и понатаму – останува да се види. Очигледно плановите се направени, сега следи полесниот дел – спроведувањето.