Филиповска-Грашкоска: Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите

Прво пријавиле дека системот има технички проблеми а потоа по три дена утврдиле дека имало сајбер напад во Фондот за здравствено осигурување. Вака денеска директорката на ФЗОМ Магдалена Филиповска-Грашкоска во свое прво појавување во јавноста по две недели го објаснуваше за хакерскиот напада којшто го парализира работењето на оваа институција.

-Штом се утврди дека станува збор за сајбер напад јавноста беше известена. Сите ИТ капацитети беа ангажирани за да се врати системот во функција. Експертите работеа деноноќно. Најважната работа е дека според сите анализи на ИТ експертите нема одлевање на податоци на граѓаните. Податоците не се украдени, се безбедни и заштитени. Тече истрага за сите детали. Здравствените и личните податоци се безбедни. Системите на Фоднот се речиси во нормала, исплатени се платите на здравствени работници, породилното, рече Филиповска Грашкоска.

Таа додаде дека функциите на системот се вратени во рекордно време.

-Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам. Нападот беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи. Нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се афектирани,  рече таа

Таа додаде дека од пред неколку денови на боледување е и директорот на ИТ секторот во Фондот за здравствено осигурување. Директорката рече дека се разболел додека го враќале системот кој не функционираше две недели.

-На тој човек поради големиот стрес и притисок му се влоши здравствената состојба и е на боледување од пред неколку дена, кажа директорката пред новинарите.

Отсутен беше и Фатон Ахмети кој има функција генерален директор. Тој за разлика од директорот на ИТ секторот си користел одмор. . Таа побара новинарите лично да го прашаат зошто не го прекинал.

-Сметам дека би било непрофесионално и некоректно да коментирам во негово име. Колегата беше известен за ситуацијата и брифингот, согласно решението, тој е се уште на одмор, додаде Филиповска-Грашкоска.

Претходна вестБраво: Малиот тетовски генијалец Македон освои нов меѓународен медал
Следна вестВо Автокоманда ќе има зонско паркирање, бесплатно за две возила од едно домаќинство