Договор за добивање на грант од 70 милиони евра од Европската унија за финансирање на пречистителна станица за отпадни води во Скопје е потпишан денеска. Со ова, практично е обезбедена финансиска конструкција за овој капитален проект вредн аоколу 200 милиони евра. Својот потпис на договорот ставија министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица која ќе биде на подрачјето на општина Гази Баба, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет и 70 проценти од искористената вода ќе може пак да се употреби. Таа ќе помогне и водата од реката Вардар која тече од Скопје кон Егејско Море да биде помалку загадена. Имплементатори се Градот Скопје и ЈП „Водовоод и канализација“.
Министерот Бесими го поздрави добивањето на грантот.
– Се работи за дополнување на заемите од нашите парнери како ЕИБ, кои нѐ поддржуваат во финансирањето на овој проект. Денес, на тој износ – 68 милиони од ЕИБ и 58 милиони од ЕБОР и 10 милиони грант – имаме дополнителни 70 милиони грант. Овој грант доаѓа во момент кога финансиските пазари се значително скапи. Овие средства значат дека ниту треба да се задолжиме, ниту треба да плаќаме камата, ниту да ги вратиме, рече Бесими.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова рече дека сега претстои долгогодишна работа.
–Сега остануваат заедничките обврски со нашите партнери, во случајот Град Скопје, секако и Општина Гази Баба во делот на завршување на процесот на експропријација, како и дооформување на урбанистичко-планската документација и секако потпишување на договорите за градба и надзор од страна на јавното претпријатие „Водвод и канализација“, рече таа.
Денеска беше кажано дека постапките се завршени, но без потпишан договор со понудувач. Договорот за изградба и надзор треба да го потпише скопски „Водовод“.
– Она што можам да го кажам е дека ние мора да следиме посебни правила и процедури и вршиме надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на оваа јавна набавка, но се мина како во добар ред и има зелено светло за „Водовод“ да го потпише договорот, рече Павлова од Европската инвестициска банка.
Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година).
Овој проект беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба. По ова следуваше и истрага од Обвинителството и од Финансиската полиција но чии резултати јавно не се соопштени.