Јазовците кои копаат под железничките пруги направија хаос во железничкиот сообраќај во Холандија, предизвикувајќи многу откажани и затворени линии. Возовите на северот и југот на земјата се најмногу погодени, а некои сообраќајни линии се стопирани веќе една недела.
Линијата помеѓу Ден Бош и Бокстел на југот од вчера е затворена, откако цицачите ископаа тунели под шините, пренесува „Би-Би-Си“. Официјалните лица рекоа дека не е јасно колку долго ќе продолжи проблемот бидејќи јазовците се заштитен вид. Џон Вопен, извршен директор на „ПроРејл“, компанијата што ја одржува холандската железничка мрежа, рече дека тоа е втор пат во една недела услугите да се стопираат поради проблеми со јазовците.
Инспекцијата во последните денови покажа дека јазовците многу активно копале, што имало директни последици за безбедноста на пругите, соопшти „ПроРејл“.
Рутата Ден Бош-Бокстел-Ајндховен е важна врска што ги поврзува северот и југот, а патничките и товарните возови на линијата ќе бидат погодени барем до следниот вторник.
На почетокот на овој месец на север, јазовците исто така копаа под железничките пруги во близина на Молкверум во провинцијата Фрисланд, поради што услугите на една линија беа суспендирани до следниот месец.
Железничарите планираат таму да изградат песочен рид каде јазовците ќе можат да си ги копаат домовите. Вопен рече дека „ПроРејл“ има итни разговори со Министерството за инфраструктура по исклучувањето.
„Да живееме заедно со јазовецот е прилично тешко за ПроРејл“, вели компанијата на својата веб-страница, додавајќи дека целта била да се обезбеди „безбеден сообраќај на возовите и слободен живот за јазовецот“.