Одлука за повторно зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени донесе Народната банка. Таа сега е на ниво од 5,50 проценти.
Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, со активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Од лани ова е 10-пат по ред како Централната банка прави нагорна корекција на референтната камата која минатата година во овој период изнесуваше 1.25 проценти. Во периодот што следи ќе се види дали деловнните банки ќе ги поскапат дадените кредити.
-Годишната стапка на инфлација забавува и во февруари, а исто така и анкетните истражувања на Европската комисија, од ноември наваму, покажуваат очекувања на потрошувачите за одредено намалување на инфлацијата во следните дванаесет месеци. Забавување бележи и базичната инфлација, но таа и натаму е на повисоко ниво. Исто така, и покрај надолната патека, очекувањата за идната динамика на цените на примарните производи на берзите и натаму се проследени со голема неизвесност, соопштуваат од Народната банка.
Во однос на растот кај домашните цени, од централната банка информираат дека има забавување во согласност со очекувањата и во февруари тој е сведен на 16,7 проценти во споредба со јануари кога беше 17,1 процент. Нивото на девизните резерви на крајот на февруари, според оценките на Комитетот, е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.