Македонските политичари покажуваат некомпетентност во водењето на надворешната политика

 

АЛЕКСАНДРА ЃУРКОВА

Недостасува и квалитетна здравствена заштита за граѓаните, владеење на правото и квалитетно државно образование во сите степени, смета Ѓуркова

За Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија прифатени се решенија кои ја поткопуваат сувереноста на македонската држава…

о Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Прва асоцијација со Македонија за мене се просветителите – светите Кирил и Методиј, како и светите Климент и Наум. Светите Кирил и Методиј како основоположници на словенската писменост го заслужуваат најсветлото место во македонската и во словенската културна историја. Светите Климент и Наум се поврзуваат со Охридската книжевна школа којашто била најважен книжевен центар во Македонија. Втора асоцијација за Македонија за мене е македонската изворна и староградската, чалгиска музика.

о Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

– Треба да се потенцира дека македонските политичари, за жал, покажуваат некомпетентност во водењето на надворешната политика. Како манифестација на ова може да се посочат договорите: Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија во коишто Македонија е поставена во подредена и нерамноправна положба, а прифатени се решенија коишто ја поткопуваат сувереноста на македонската држава. Дополнително, треба да се спомене донесувањето на Законот за употреба на јазиците во којшто не се земени предвид сите јазици што се употребуваат во Македонија, туку се фаворизира еден јазик – албанскиот. Преку некои решенија во овој закон се воспоставува институционална, како и територијална двојазичност во Македонија, што не е според Уставот и воопшто не одговара на фактичката состојба, а на таков начин, пак, се нарушува и статусот на македонскиот јазик којшто е официјален јазик единствено во Македонија.

о Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– За одговор треба само да се прошетаме по градските улици и низ македонските патишта. За жал, очигледно е дека со години не се работи и не се вложува во подобрување на инфраструктурата, на здравствените установи, училиштата и сè што е општествен и државен интерес.

о Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Сметам дека досега сум придонела многу во мојата професија – научната работа и научните публикации во областа на историјата на македонскиот јазик, црковнословенската писменост, во социолингвистиката и во меѓународната афирмација на македонскиот јазик. Последните дваесет години редовно укажувам на потребата од подобрување на статусот на македонскиот јазик и неговата употреба.

о Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Со успесите на македонските музичари, писатели, научници на меѓународен план. Првенствено културата и науката, како и спортот, се најдобри амбасадори на еден народ и на една држава.

о Што недостасува, а што би одзеле од државата?

– Најмногу недостасува квалитетна здравствена заштита, владеење на правото и квалитетно државно образование во сите степени. Во последните петнаесетина години државата не води грижа за оформување квалитетни и современи наставни програми во основното и средното образование и за квалитетот на учебниците што се издаваат, а се бележи и опаѓање на критериумите во високообразовните институции.

Во однос на вториот дел од прашањето, сметам дека е клучно сузбивањето на корупцијата, доследно спроведување на законите, а е неопходно и клучно Македонија да покаже самостојност во дипломатијата и во оформувањето меѓународни политики.

о Во каква Македонија сакате да живеете?

– Во модерна Македонија со економски просперитет, земја во која ќе се вложува во органско производство на храна, во чиста животна средина. Во Македонија во која се реафирмираат придобивките на АСНОМ, како и на сиот труд што го вложија македонските дејци од 19 век за македонската самобитност и на пожртвуваноста на борците за македонска самостојна држава. Во Македонија во којашто сите граѓани ќе бидат рамноправни и еднакви, во која нема да имаме поделба според етничкото потекло, јазикот и верата. Сакам да живеам во Македонија во којашто нема да слушаме за тоа дека младите луѓе посакуваат да заминат во странство.

Претходна вестСончево со малку облаци и краткотраен пороен дожд
Следна вестТаткото на убиецот од Младеновац почина од срцев удар