Ковачевски требаше многу порано да разговара со Мицковски, ама тогаш самоуверено го игнорираше

Власта е во зорт. ДУИ и СДСМ најавија, а пред странци и прифатија промена на Уставот и сега немаат доволно пратеници да го изгласаат сето тоа. Премиерот Ковачевски наеднаш се сети на опозицијата, го бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да се сретнат и разговараат…

И еве дојде потврда Ковачевски и Мицкоски се договориле за средба. Ќе има ли успех тој разговор? 

Двете страни имаат крајно спротивставени ставови околу тоа што треба да биде договор. Според Ковачевски, најважна тема на средбата се уставните промени со цел прифаќање на ултиматумот за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Мицкоски, пак, порачува дека единствено што ВМРО-ДПМНЕ го бара е да се почитува мислењето и ставот на повеќе од 80 проценти од населението кое порачува „НЕ“ за уставни измени и дека треба да се разговара за периодот што ќе следи потоа, односно, за одржување на нови избори.

Дали и каков компромис е можен, ќе се види веднаш по средбата, но уште сега се гледа дека ваквите средби требаше да се одржуваат порано. Власта ја игнорираше опозицијата кога ги прифаќаше ултиматумите на Бугарија и предлозите на Франција. Носеше одлуки сама, а сега…

Така беше и кога се договараше, потпишуваше и применуваше Преспанскиот договор со Грција, а кој предизвика големи промени во македонското општество. И тогаш конфронтациите беа максимални, а излезот се најде во задкулисни купопродажни договори со осуммина пратенци од редовите на опозицијата и со чија помош се изгласаа тогашните уставни промени. 

Зошто тогаш немаше „лидерски средби“, зошто не се подготвуваше терен за заедништво во Македонија за важни државнички прашања? Помислуваше ли власта дека сето тоа ќе предизвика ваков момент каков што е сега околу нивното барање да се смени Уставот?

Излегува дека само конфронтациите биле постојани, а обиди за лидерски и други средби минимални и никакви. Така е и сега, поради што е прашање што една ваква средба може да смени? Вакви средби меѓу власта и опозицијата требаше да има многу порано доколку се сакало постигнување на компромис и заеднички став. Односно, заедништвото и грижата за заедничките државни интереси требаше да се покажува како тогаш кога се носеше Преспанскиот договор, така и сега кога се решава по условите произлезени од „францускиот предлог“. Но, тоа не се случуваше…

Дали Ковачевски сега ќе го напушти својот поранешен став дека во Македонија треба да се прави заедништво, ама при тоа тој заедно со ДУИ да прави што сака, а сите други да мора да му ракоплескаат и да гласаат оти тоа било за „европска иднина“? Таквото „заедништво“ во учебниците се нарекува диктат и неподготвеност да се ислуша и прифати нешто и од оние партии кои преставуваат голем дел од граѓаните на Македонија.

 

Претходна вестЗатруени шеесет авганистански девојчиња
Следна вестПоловина милион Полјаци на протест против Владата