Критика до надлежните органи зошто не им дале совети на граѓаните како да го заштитат своето здравје во услови на загадувањето предизвикано со несобирањето на сметот, упати денеска епидемиологот Драган Даниловски. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој вели дека за него е нејасно зошто надлежните молчеа, кога на Скопје му се случуваше „мијазма“ (загадување) во 21 век.
-Метрополата, пред три дена, осамна затрупана во ѓубре по улиците, среде лето – небаре е некој средновековен град, кога граѓаните едноставно си го истурале ѓубрето под пенџери. И под пеколното сонце, почна реа од распаднати органски материи да се шири низ градот, неумоливо продирајќи во секоја пора на градот. И во секоја клетка на сѐ што е живо…, наведува Даниловски.
Тој додава дека е небитно е и сеедно е која е заднината.
-„Мијазмата“ (загадувањето) е тука. Опиплива и смрдлива! Рај за мачки и кучиња скитници. И за роеви муви. И птици мршојадци. И за глувци и стаорци! Тие, најдени во неверување, наеднаш соочени со можност за гозба, го разнесуваат пленот наоколу. Заедно со причинители на опасни заразни болести… со несогледливи здравствени ризици за жителите на градот. Велат, „несреќата никогаш не доаѓа сама“. Ќе да е така. За среќа, оваа најновата, средновековната, трае(ше) само три дена, а не три години (ако се точни информациите дека причините се надминати). И сигурно ќе стивнат турбуленциите постепено. Мијазмата ќе испари… И ризиците по здравјето ќе избледат… Но, останува за мене нејасно: Зошто никој – ама баш никој – од надлежните институции не се огласи со ниту еден збор? Макар со куси препораки до граѓаните за заштита на своето здравје, прашува овој епидемиолог.