Септември 2023 година да биде месец на македонско-американско наследство, кога ќе се истакнат придонесите и културното влијание на македонските Американци во САД, дел е од содржината на резолуцијата којашто е предложена во Сенатот на САД. По иницијативата на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) неа ја предложи републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон.
Како што пишува Гласот на Америка, во резолуцијата се наведува дека е важно да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци.
-Оваа резолуција е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Мето Колоски, коосновач и волонтерски претседател на ОМД.
Во резолуцијата се наведува дека од 1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија.
Се проценува дека во САД денес живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, а најмногу од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
-Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД, стои во текстот на резолуцијата.
Во резолуцијата се напоменува и успехот на спортистите со македонско потекло, придонесот на македонските Американци во уметноста, како и медицината.
Брон е единствен сенатор кој е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот. Резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.