Шокирани сме од нечистотијата што ја видовме по Скопје. Валкано е насекаде. Тоа дава една грда слика за градот во кој едните – граѓаните очигледно многу го загадуваат, а другите – комуналците недоволно го чистат, ни изјави турист од Словенија кој шеташе низ главниот град
Скопје се фали дека е уреден град, ама всушност во реалноста градот е многу нечист. Отпадоци насекаде, преполни умирисани контејнери и расфрлано друго ѓубре и разни предмети има дури и во најстрогиот центар на главниот македонски град. А така е насекаде: по улиците, тротоарите, парковите, меѓу зградите, пред трговските центри…
Плус, сето тоа го разнесуваат наоколу кучиња, мачки… Ужасна слика на која многу скопјани изгледа се навикнаа. Од контејнерите и кантите за отпадоци, доколку не се оштетени или изгорени, постојано испаѓат отпадоците, на улица на секој чекор по некој отпадок, автобуските постојки и клупи станаа места на кои несовесните граѓани безмилосно фрлаат се што не им треба повеќе.
-Шокирани сме од нечистотијата што ја видовме по Скопје. Валкано е насекаде, не само околу контејнерите. Тоа дава една грда слика за градот во кој едните – граѓаните очигледно многу го загадуваат, а другите – комуналците недоволно го чистат, ни изјави турист од Словенија кој деновиве го посети Скопје.
Таквата дијагноза за нечистотија важи не само Скопје, туку и за другите места низ Македонија – нема грижлив однос на мнозина од граѓаните кон јавната хигиена. Дали таквите луѓе и по дома седат во нечистотија?
-Скопје е многу валкан град. Ѓраѓаните се единствениот виновник за нечистотијата од влезовите, парковите, паркинзите, центрите на градовите и природните убавини. Толку да не се води сметка каде се фрла отпад е резултат на немање и санкции. Преку џебот до едукација за чистота, ни вели скопјанката Анита Ѓуковиќ.
И Бети Кузманова прстот го насочува кон граѓаните.
-Граѓаните насекаде фрлаат се и сешто, тоа насекаде се гледа. Поради тоа градот ни е нечист. За тоа е потребно подигање на свеста со цел градот да ни биде чист, но и комуналците да чистат повеќе, смета Бети Кузманова.
Но, од другата страна се поставува прашањето зошто отпадоците и ѓубрето остануваат на улиците и тротоарите, зошто не се чистат? Градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“, но и општинските служби, очигледно треба да запнат повеќе да работат на терен. Преполните контејнери и канти, отпадоци кои постојано се фрлаат бараат почесто празнење, мерење и собирање на отпадоците отколку еднаш дневно. Се чини дека кога се чисти тоа не се прави темелно…
-Насекаде хартии, ѓубре… Кај социјално од страната на Црвен крст многу е валкано, под Железничка станица никогаш не е исчистено од ниедна власт, валкан е дури и Градскиот парк, зоолошка градина. Хаос е. „Комуналец“ каде е, спијат ли!? Порано се переа улици и сега тоа го нема. Хигиена нула. Како знаат да казнуваат за глупост нека казнуваат и за фрлање отпадоци, плукање…, вели Бети Додевска.
Не треба да се чисти, треба да не се валка
-Ние не треба да чистиме туку треба да не валкаме. Кај „комуналците“ пак проблемот е од повеќе сегменти. Кадарот кој е вработен е деградиран, немотивиран, работат со стара опрема… Да се инвестира во добра механизација, опрема, заштитна работна облека да се почитува тој работник сметам дека ќе вроди со плод. На оваа нечистотија сите да излеземе да чистиме нема да постигнеме, смета Анита Ѓуковиќ.
Извештај за работа на Инспекторат на Град Скопје за првите шест месеци од годинава покажува дека за хигиената се грижеле и 13 комунални редари. Тие поднеле 380 записници за изречени мандатни казни (околу 60 во еден месец), 98 барања за прекршочни пријави и наплатиле 205 глоби од по 40 евра (месечно по 34). Дали е ова и доволно за зачувувањето на хигиената во градот не е тешко да се процени. И во овој извештај, градските власти предлагаат формирање на комунална полиција за градот Скопје по примерот на повеќето главни градови во соседните земји.