Предлог за определување мерка притвор против двајца осомничени од селото Велешта, за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие по член 382 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по член 383 од Кривичниот законик, поднесе Основното јавно обвинителство Струга.
Двајцата осомничени 32-годишници, на 16 септември по полноќ, влегле во полициската станица во Струга додека друго лице поднесувало пријава против нив и со спреј-солзавец почнале да го прскаат пријавителот во присуство на неколкумина полициски службеници.
-Веднаш потоа осомничените ги нападнале и полицајците, започнале да ги влечат и да се обидуваат да им го одземат службеното оружје. Двајцата осомничени биле совладани, но продолжиле упорно да се обидуваат да се ослободат и да побегнат од станицата, се наведува во соопштението на ОЈО.
Имајќи ја предвид дрскоста со која бил извршен нападот во полициска станица, околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можноста да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор.