МНР започна процес за безвизен режим на Македонија со САД

Во врска со објавените податоци од страна на Стејт департментот дека процентот на одбиени визи за Северна Македонија во 2022 година изнесувал 26,29 отсто, Министерството за надворешни работи информира дека започнало процес за присоединување на земјава кон Програмата за САД за безвизен режим. Со одлука на Влада, формирана е меѓуресорска работна група предводена од МНР, која се состои од претставници и на други релевантни институции кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД.

Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу 3 отсто.

-Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 проценти се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и условите кои треба да бидат исполнети, со цел добивање виза за САД, се наведува во соопштението.

Се додава дека процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен процес, што налага континуирани активности на што посветено работиме. Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во Програмата за безвизен режим стана дел од Стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во Акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година.

-Постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји, се вели во соопштението од МНР.

Претходна вестСончево со умерена облачност
Следна вестГлавата горе и слободно изјаснете се како Македонци – повик на МД „Илинден“ од Тирана пред почетокот на пописот во Албанија