Главата горе и изјаснете се за она што сме – Македонци, порача македонско друштво „Илинден” од Тирана пред денешниот почеток на пописот на населението и домаќинствата во Албанија. Друштвото ги повика сите Македонците во Република Албанија да се изјаснат за она што се – Македонци, и да го зачуваат својот македонски идентитет.
-Од утре до 30 октомври тимовите на ИНСТАТ ќе тропнат на вашата врата за собирање податоци за пописот на населението и домаќинствата. Не потпаѓајте под никакви влијанија, нека не ве заплашува никој и ништо. Главата горе и изјаснете се за она што сме – Македонци“, порачува друштвото.
Друштвото ги повикува Македонците да одговорат на сите прашања и на оние за етничката и религиска припадност, како и за јазикот иако за овие три прашања во формуларот одговорот не е задолжителен. Посочуваат дека има можност да се провери дали дадениот одговор е правилно внесен во таблетот од страна на попишувачите.
-Ова е многу важен процес за македонската заедница во Албанија, бидејќи во него ќе се декларира и етничката припадност на секој поединец. Иако ова прашање е оставено како „изјаснување по избор” МАЕИ љубезно ги повикува сите Македонци да се изјаснат за својата етничка припадност одговарајќи на прашањето „со каков етнички идентитет се идентификувате“, да напишат: „Македонец/Македонка“, стои во повикот.
Се нагласува дека изјаснувањето на македонскиот идентитет на пописот не е само законско право, туку моќен израз на вашето културно наследство.
-Тоа испраќа јасна порака до општеството во целина дека македонската заедница во Албанија е енергична, горда и заслужува почит и признание што доаѓа со неа. Нѐ има насекаде низ Албанија. Главно сме концентрирани во областите Мала Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади нè има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Кукс, Фиер и во други градови. Со векови сме опстоиле и покрај сите голготи, ќе ја преживееме и оваа агресивна бугарска асимилаторска кампања, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Осудувајќи ја, како што вели, бугарската асимилаторска кампања, тој порачува дека е убеден оти Македонците ќе се изјаснат за она што се и никако поинаку.