Грозоморно убиство се случило утринава во Кочани при што е убиена една жена. Во информацијата која денеска ја објави Радио Кочани се наведува дека настанот се случил на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани.
-Со повеќе убоди со нож смртно настрада жена. Според првичните неофицијални информации, жителите од околните куќи околу 6: 15 часот биле вознемирени од силни викотници. На улицата се случувала страшна тргедија, маж, кој признал вина, на несреќната жена и нанел 41 убод со нож, при што од задобиените повреди починала на самото место. Потоа, го оставил безживотното тело, се наведува во информацијата на Радио Кочани.
Осомничениот без да се обиде да бега, ги сочекал полициските службеници, кои му ставиле лисици.
Настанот го потврдија од СВР – Штип и од Општата болница во Кочани од каде информираа дека убиството се случило пред куќата во која живеела жената.
-Утрово околу 6:15 часот на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани, 59-годишниот У.Р. ја нападнал 46-годишната Т.М. при што со нож ѝ нанел повеќе убодни рани на телото, по што таа починала. Медицинската екипа што беше повикана, констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на лице место, истакна Душанка Горгиева – Трпевски, директорка на Општата болница со проширена дејност.
Според првичните сознанија, причина за нападот е изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки што напаѓачот се заканувал дека ќе ги објави јавно. Заканите биле неколкупати биле пријавувани во полицијата и во јавното обвинителство во Кочани од каде жената барала заштита.
Увид во настанот извршиле екипа на ОВР – Кочани и јавен обвинител по чија наредба телото на починатата е дадено на обдукција. Напаѓачот е приведен, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.