Албанските инвестиции во странство со нов рекорд, Македонија се уште чека на инвестиции

Албанските инвестиции во странство поставија нов историски рекорд во првата половина од годинава. Според податоците на Банката на Албанија, за јуни месец од 2023 година вредноста на инвестициите на албанските компании во странство достигна 126 милиони евра, 40 отсто повеќе во споредба со истиот период пред една година, пренесува Балкан Веб.

Ова е и највисокото историско ниво на албански инвестиции во странство, откако се прави оваа статистика од 2008 година. Во најголем дел, албанските инвестиции се канализираат во директни придонеси во капиталот на компаниите контролирани во странство.

Овие капитални инјекции сочинуваат повеќе од 72 отсто од новиот проток на албански инвестиции во странство. Остатокот главно се состои во форма на заеми дадени од албански акционери на подружници лоцирани во странство.

Од друга страна, податоците на Народната банка на Македонија покажуваат дека директните инвестиции од Македонија во странство во 2021 година достигнале 82,9 милиони евра. Тоа била рекордна сума во изминативе десетина години. Податоците на Народната банка покажуваат дека во периодот 2013-2021 година вкупните директни инвестиции од земјава во странство изнесуваат 243 милиони евра. Односно, во просек, по околу 27 милиони евра годишно.

Едноставно, Македонија се уште е свртена кон чекањето на инвестициите од надвор, повеќе отколку кон обидите да се инвестира надвор и на таков начин да се оствари добивка.

 

Претходна вестШто конкретно фајде има Македонија од скапите турнеи на Пендаровски и Ковачевски во САД?
Следна вестЗа првпат откако е направен: Се реконструира натпатникот на булеварот „Александар Македонски“